сабота, 19 октомври 2024

Птичји грип во скопската зоолошка градина, 21 ден карантин

Потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип H5N1 во зоолошката градина во Скопје, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство доцна попладнево. Претходно ЗОО Скопје соопшти дека инспектори на АХВ без налог упаднале во зоолошката градина и убиле неколку десетици птици. Зоолошката градина ќе биде затворена за посетители 21 ден, информираа од АХВ. ​

Објавено на

часот

Сподели

Резултатот за присуство на птичји грип е добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.

„Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија од АХВ.

Агенцијата наредила и мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се сузбие болеста и спречување на нејзино ширења надвор од зоолошката градина кај животните и кај луѓето.

Пред ова соопштение на АХВ, ЗОО Скопје соопшти дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и лицата кои со оружје упаднале во зоолошката градина.

Последните случаи на птичји грип во Македонија беа регистрирани во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош. Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.

Досега не е докажан случај на пренос на високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација во земјите од ЕУ, соопштија од АХВ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ