Мандатот да му се довери на Талат Џафери од ДУИ е резултат на договорот со СДСМ од пред четири години, а изборот на Џафери, според најавите, ќе се слави и како избор на прв премиер Албанец во Македонија.
Според тој договор, како што се виде деновиве, од функцијата прв вицепремиер замина Артан Груби, а таквата функција „прв заменик на претседателот на Владата“ ја презеде вицепремиерот Бојан Маричиќ. Груби изјави дека е тоа логично, кога ДУИ има премиер тогаш СДСМ има прв вицепремиер и обратно.
Мандатот на преодната Влада трае од изборот до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници.
Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори.
Во Програмата што до Собранието вчера ја достави Талат Џафери, меѓудругото, наведува дека приоритет на оваа влада ќе бидат успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24 април и 8 мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.
Во преодната Влада министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика предлага опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). На предлог на премиерот Собранието именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ), но и од опозицијата и тоа во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација.
Техничкиот министер за внатрешни работи ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството. Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер да именува и нивни заменици. Тие двајца имаат врзани потписи. Доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки. Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет. Може да врши и хоризонтални распоредувања на вработените.
Ова ќе биде трета преодна Влада во земјата. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време Влада, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година.
Втората преодна Влада ја предводеше сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и тоа од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.
Четирите најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи влада за спроведување избори.