Се работи за издавање двојазични лиценци од областа на детската заштита. Во образожението Сиљановска вели дека законските измени содржат повеќе спорни одредби и дека по спроведена темелна анализа и експертски консултации бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.
„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот“, пишува во документот.
Претседателката наведува дека посочените членови од Законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.
„Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон“, се наведува во образложението.
Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
„Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата“, се вели во образложението на Сиљановска испратено до претседателот на Собранието на 31 декември 2024 година.
Од Владата вчера соопштија дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури.
Ова прво одбивање да потпише указ на некој закон од Сиљановска вчера го поздрави СДСМ: „членот 9 и членот 10 од предлог Законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на Законот, власта ги враќа процесите назад со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Овој потег на претседателката на Македонија беше поздравен и од Левица, но не и од ДУИ за кои ова е „скандалозна одлука на Сиљановска-Давкова за ставање вето на двојазичноста и отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија“.
Според Законот за Собранието, ако шефот на државата одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот во рок од 30 дена од денот на неговото донесување. Ако при повторното разгледување Собранието го изгласа законот со најмалку 61 глас, независно дали притоа ќе ги земе предвид укажувањата на Сиљановска, претседателката е должна да го потпише указот за негово прогласување.
Лани на 24 декември измените на Законот за заштита на децата се донесени со двојно мнозинство – „за“ гласале вкупно 63 пратеници, од кои 13 биле пратеници припадници на немнозинските заедници (од 15 присутни). Против биле 14 пратеници – од СДСМ и партнерите, како и од Левица.