среда, 25 декември 2024

Прво ветување на новиот премиер на Полска: „Ќе ги ангажираме сите светски лидери, ова е приоритет за иднината на светот“

Новиот полски премиер Доналд Туск денеска изјави дека неговата влада ќе се ангажира да ги убеди светските лидери дека е неопходно да се продолжи со обезбедувањето помош за Украина и дека тоа ќе биде приоритет на владата бидејќи, како што наведе, тоа е во интерес на слободниот свет.

Објавено на

часот

Сподели

Туск рече дека за него е болно да слуша дека украинскиот претседател Володимир Зеленски мора сѐ уште да се обидува да ги убедува светските лидери за потребата да продолжат да ја поддржуваат борбата на Украина против руската агресија, пренесе АП.

Тој тврди дека Полска ќе постигне лидерска позиција во Европа и ќе биде силен дел од НАТО. Туск денеска одржа говор во парламентот, еден ден откако пратениците го избраа за нов премиер.

Полскиот парламент синоќа го избра Туск, лидерот на центристичката партија Граѓанска платформа за нов премиер, по осумгодишното владеење на партијата Право и правда на претходниот премиер Матеуш Моравјецки.

Туск стана премиер откако Долниот дом на полскиот парламент претходно во понеделникот ѝ изгласа недоверба на владата на Моравјецки.

Туск беше избран за премиер речиси два месеци по парламентарните избори, со помош на коалиционите партнери, вклучително и левичари и умерени конзервативци, пренесе АП.

Партиите излегоа на избори одделно, но ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват, како што рекоа, демократските стандарди и односите со сојузниците. Ова гласање стави крај на осумгодишното владеење на партијата Право и правда (ПиС), за која критичарите велат дека ја поткопа независноста на судството, ги користеше државните медиуми за своја пропаганда и придонесе за создавање предрасуди против малцинските групи, како што се мигрантите или ЛГБТК заедницата, соопшти Ројтерс.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги подобри односите меѓу Варшава и Брисел и ќе деблокира милијарди евра наменети за Полска кои се замрзнати поради загриженоста на ЕУ за спроведување на владеењето на правото во Полска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ