среда, 18 септември 2024

Прва жртва од поплавите во Полска, четворица исчезнати во Чешка (ВИДЕО)

Локалните поплави, донесени од циклонот Борис на југот на Полска и на истокот и северот на Чешка, синоќа го однесоа првиот живот во Полска, а Чешка трага по четири исчезнати лица.

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници граѓани во двете земји ја поминаа ноќта во евакуации пред поплавата пред таа да стигне до нивните домови. „Потврдена е првата жртва, овде во областа Клод. Таму се евакуирани 1.600 луѓе, очекуваме дека ќе има уште многу евакуации. Најдраматична е состојбата во Клодската котлина“, изјави утринава полскиот премиер Доналд Туск, кој од почетокот на поплавите ги посетува погодените подрачја.

Во Шлезија и Малополското војводство на југозапад и југ од Полска, во областа на границата со Чешка, планинските потоци и реки поради обилните врнежи се претворија во порои, а на некои места водата е веќе над насипот, а полни се и акумулациите и вештачките езера кај хидроцентралите.

Во градот Глухолази на границата со Чешка, каде почнаа поплавите и каде што водата ги проби заштитните насипи, градоначалникот Павел Шимковиќ утрово со драматична порака „Тонеме“ упати апел до сите да се евакуираат на повисоките места.

Пожарникарите на Државната противпожарна стража во саботата со помош на армијата и територијалната одбрана излегоа на терен 6.400 пати да ги зајакнат насипите, да ги отстранат паднатите дрвја и гранки кои го отежнуваат железничкиот сообраќај, кој е во прекин на 40 пруги, а од полноќ до недела наутро во 2.300 интервенции.

„Во опасност е Клодската котлина, каде водостојот на некои реки драстично се зголеми и почна да се излева. На повеќе места нивото на водата се стабилизира, а кулминацијата на врнежите помина. Сметаме на стабилизација“, изјави Карол Ќљешковски, портпарол на полската противпожарна стража, за полската приватна телевизија Полсат.

Поради силните ветрови и поплавите голем број граѓани останаа без струја, а на места недостапен е и сигналот од мобилната телефонија.

„Донесовме одлука да почнеме да користиме сателитска комуникација преку Старлинк, но не треба да се надеваме дека секаде веднаш ќе се воспостави врска“, изјави утринава премиерот Туск.

Во соседна Чешка вчера започна потрагата по четворица исчезнати, еден маж на југот на Моравска надојдениот поток го однел пред неговата куќа, а три лица исчезнале откако автомобилот им паднал во река.

260.000 луѓе во Чешка се без струја поради бурните ветрови и поплави, на 87 места, главно во Моравско-шлезискиот регион на истокот од земјата, нивото на водата го надмина третиот највисок степен на тревога поради поплавите, додека на 118 места се на прв или втор степен.

Моравско-шлезискиот регион и Оломуц прогласија вонредна состојба уште во саботата, а на некои места насипите и пороите на претежно помалите реки или горните текови на поголемите, Одра и Елба, се излеаа преку браните на помалите хидроцентрали, иако претходните денови забрзано испуштаа вода од своите вештачки езера.

Досега околу 80 отсто од очекуваните врнежи што ги донесе циклонот Борис паднаа во Чешка, а се проценува дека поплавите ќе останат само локални.

Главниот град Прага беше тешко погоден од поплави во 2002 и 2013 година, тој е безбеден на понизок, втор степен на опасност од поплави, додека на исток и североисток поплавите може да бидат уште полоши од катастрофалните во 1997 година.

Градот Јесењик и околните општини на границата со Полска се целосно отсечени поради поројните дождови.

И во Полска и во Чешка, пак, властите очекуваат помалку жртви и помала материјална штета, бидејќи во последните години се инвестираа многу пари во инфраструктурата и мерките против поплави, со цел да се овозможи излевање на реките од нивните корита каде што е безбедно за луѓето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ