Ова дело е составено од четири поглавја, во кои се презентирани четириесет и осум текста за творештвото на истакнати македонски поети, раскажувачи, романсиери и критичари.Првото поглавје им е посветено на поетите Константин Миладинов, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кочо Рацин, Никола Јонков Вапцаров, Славко Јаневски, Блаже Конески, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Радован Павловски и Светлана Христова – Јоциќ.
Во вториот дел Силјан пишува за појавата и за развојните тенденции на македонскиот расказ, почнувајќи од Марко Цепенков, Ангелко Крстиќ, Стојан Христов, Владо Малевски, Јован Бошковски, па сѐ до најистакнатите претставници на новата генерација македонски раскажувачи.
Третото поглавје со наслов „Прологомена за македонските делби и преселби“ им е посветено на писателите чија творечка преокупација е голготата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, а во четвртиот дел се застапени прилози за творештвото на Милан Ѓучинов, Благоја Иванов, Јован Стрезовски, Владимир Костов и Трајан Петровски.