среда, 23 октомври 2024

Прв собир на Харис и Валц: „Ова не е само борба против Трамп, туку борба за иднината“

Демократската претседателска кандидатка Камала Харис и нејзиниот новоизбран кандидат за потпретседател Тим Валц го имаа својот прв заеднички собир во предизборната кампања во Филаделфија, почнувајќи од тој град на повеќедневна турнеја низ државите кои ќе бидат одлучувачки за изборот на нов претседател.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Харис за свој потпретседателски кандидат го избра Валц, гувернерот на Минесота, отворен политичар и поддржувач на прогресивната политика од средиштето на САД, кој треба да ги придобие руралните бели гласачи.

Со намера да го претстават своето дуо пред Американците, само три месеци пред претседателските избори, Харис и Валц дојдоа пред повеќе од 10.000 луѓе на Универзитетот Темпл во Филаделфија.

Харис го опиша потеклото на Валц како поранешен професор во средно училиште и фудбалски тренер, ветеран од Националната гарда и поранешен конгресмен, а потоа рече дека во ноември ќе има нова титула – потпретседател на САД.

„Тој е личност која на луѓето им дава чувство на припадност и потоа ги инспирира да сонуваат големи соништа“, рече таа.

Во своето обраќање, Валц го опиша своето растење во мал град во Небраска, 24 години служба во Националната гарда, претходните кариери како професор по општествени науки во средно училиште и фудбалски тренер.

„Моите студенти ме охрабрија да се кандидирам“, рече тој. „Тие во мене го видоа она што се надевав дека ќе им го всадам: посветеност на општото добро, верба дека една личност може да направи разлика“.

Пенсилванија, каде што го одржаа својот прв собир, е една од клучните држави кога станува збор за тесните изборни резултати меѓу демократите и нивните републикански ривали, поранешниот претседател Доналд Трамп и неговиот кандидат за потпретседател, сенаторот Џеј Ди Венс.

„Оваа кампања, нашата кампања, не е само борба против Доналд Трамп“, рече Камала Харис. „Нашата кампања – оваа кампања – е борба за иднината“.

Валц го опиша Трамп како личност која не е способна да им служи на САД и се бори само за лична корист.

„Тој нема поим што е служење (на народот). Нема време за тоа затоа што е премногу зафатен да им служи на своите интереси“, рече Валц.

За поранешниот претседател рече дека „сее хаос и поделби“.

Валц беше избран во Претставничкиот дом на Конгресот во републиканскиот округ во 2006 година и служеше 12 години пред да биде избран за гувернер на Минесота во 2018 година.

Тој протурка прогресивна агенда која вклучува бесплатни оброци во училиштата, цели за справување со климатските промени, даночни намалувања за средната класа и продолжен платен одмор за работниците.

„Како гувернер, тренер, учител и ветеран, тој им пружи услуги на работните семејства како на свои“, рече Харис.

Валц долго се залага за репродуктивните права на жените, но тој исто така покажуваше конзервативни особини додека го претставуваше руралниот округ во Конгресот, бранејќи ги земјоделските интереси и поддржувајќи ги правата за оружје.

Трамп и Венс брзо ги критикуваа Харис и Валц.

„Ова е најрадикалното левичарско дуо во американската историја“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Харис и Валц ќе се обидат да продолжат со замавот што потпретседателката го доби откако стана демократски кандидат за претседателските избори на 5 ноември, откако актуелниот претседател Џо Бајден се повлече од трката за реизбор минатиот месец. Харис собра стотици милиони долари и ја преобликува трката против Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ