понеделник, 28 октомври 2024

Прв регионален премиум настан за примената на ВИ во медицината, фармацијата и стоматологијата

На 30 октомври 2024 година, Скопје ќе биде домаќин на премиум настанот посветен на иновациите во здравството, под наслов „Примена на вештачката интелигенција (ВИ) во медицината, фармацијата и стоматологијата“. Овој настан, во организација на ИКТ комората МАСИТ, претставува втор ден на 19-годишната конференција на МАСИТ и ќе ги обедини врвните експерти и професионалци, кои ќе ги презентираат најновите достигнувања во здравството, потпомогнати од вештачката интелигенција.

Објавено на

часот

Сподели

Настанот ќе вклучи револуционерни презентации за тоа како вештачката интелигенција ја трансформира медицината, фармацијата и стоматологијата, со посебен фокус на практичната примена на ВИ за подобрување на дијагнозата, лекувањето, фармацевтското истражување и грижата за пациентите. Учесниците ќе имаат единствена можност да се сретнат со лидери и иноватори во ВИ технологијата и да дознаат како ВИ го револуционизира здравствениот сектор на глобално и локално ниво.

Проф. д-р. Сам Аталах од Флорида, САД, ќе одржи воведно предавање за улогата на ВИ во хируршките трендови и компјутерски потпомогнатата визуелизација.

Тимот на 3DLoom, д-р. Стефан Арсенков и техничкиот директор Огнен Плавевски, ќе ги презентираат иновациите поткрепени со ВИ за 3D печатење на персонализирани реплики на органи и алатки за подобрување на хируршките третмани и закрепнување на пациентите.

Д-р. Анела Тосевска од Медицинскиот универзитет во Виена ќе ги претстави револуционерните примени на ВИ во персонализираното генетско истражување.

Истакнати професори од Фармацевтскиот факултет при УКИМ – проф. д-р. Зорица Наумовска, проф. д-р. Маја Симоновска Црцаревска и асистент Евгенија Михајлоска ќе зборуваат за интеграцијата на ВИ во фармацевтското истражување, развој на лекови и персонализирани терапии.

Доц. д-р. Горан Спиров и м-р. Сашо Николовски од ПЕТ-ЦТ UI Центарот ќе ги презентираат напредокот на ВИ во медицинското визуелизирање (радиологија, КТ, ПЕТ).

Д-р. Елена Петрова од Клиниката за стоматологија во Скопје ќе ги истакне придобивките на ВИ во прецизноста и ефикасноста на модерните ортодонтски третмани.

Д-р. Александар Илиев од Клиниката за максилофацијална хирургија ќе даде увид во примената на 3D визуелизација и печатење во краниофацијалната хирургија, истакнувајќи го постигнатото кај нас и развојот на новите технологии за дијагноза и лекување на различни патолошки состојби.

Дополнително, присутните ќе имаат ретка можност да го запознаат Алшар, првиот хуманоиден робот DJ во светот, создаден од проф. д-р. Анис Сефиданис. Алшар ќе има специјален настап, при што проф. Сефиданис ќе ја презентира технологијата и ВИ зад ова постигнување, објаснувајќи како ВИ се користи за подобрување на ефикасноста и хуманоидните карактеристики на роботот. Алшар ќе биде и нашиот DJ за време на ручекот на крајот на настанот.

Учесниците ќе имаат можност за размена на контакти и вмрежување со професионалци, лидери во индустријата и ентузијасти. Овој настан е задолжителен за сите кои ги интересира иднината на иновациите во здравството.

Настанот ќе се случи во хотел „Александар палас“ во Скопје, а организатор е ИКТ Комора МАСИТ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ