сабота, 27 јули 2024

Против Мерко активни се уште 14 случаи, за последниот максималната затворска казна е 3 години

Дури 14 од вкупно 30 случаи против градоначалникот на Струга и член на ДУИ Рамиз Мерко се активни. Другите застареле. Вчера струшкото обвинителство поднесе обвинение за несовесно работење во службата. Против Мерко неодамна беше поднесено и обвинение за набавката на луксузното ауди од 67 илјади евра. На струшкиот градоначалник му се закануваат од три месеци до три години затвор само за обвинението за несовесно работење во службата.

Објавено на

часот

Сподели

Во јануари 2022 година во основното училиште во Лабуништа Мерко поставил директорка која не ги исполнувала законски пропишаните услови.

„Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, на 31 јануари 2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да ѝ се исплаќа плата како в.д. директорка 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси“, соопшти вчера обвинителството.

Мерко се гони по член 353-в став 1 од Кривичниот законик за што е пропишана казна со затвор од три месеци до три години.

Овој случај лани го обзнани Државната комисија за спречување на корупцијата, директорката била поставена на функцијата пред да заврши факултет, а потоа факултетска диплома добила на универзитетот кој е во приватна сопственост на градоначалникот Мерко.

За набавката на автомобилот, според член 353 став 4 од Кривичниот законик  предвидена е затворска казна до пет години.

Од лани во јуни Рамиз Мерко и неговата сопруга се на црната листа на САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ