сабота, 27 јули 2024

Протести во Шпанија против војната во Газа, „Израел убива, Европа спонзорира“ (ВИДЕО)

Во стотици шпански градови во неделата се одржаа протести под слоганот „Да го запреме геноцидот во Палестина“, при што демонстрантите бараа траен прекин на огнот во Појасот Газа и меѓународни санкции против Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници луѓе поминаа низ центарот на Мадрид носејќи транспаренти на кои пишуваше „Да живее борбата на палестинскиот народ“, „Ова не е војна, ова е геноцид“, „Израел убива, Европа спонзорира“ и „Газа издржи, Мадрид станува“, извикуваа демонстрантите.

„Повеќе од половина година трае геноцидот, на кои потребно е да им се додадат 76 години окупација, репресија, воени злосторства и кршење на човековите права на Палестинците“, изјави организаторот на собирот Мрежа на солидарност против окупацијата на Палестина (РЕСКОП).

Израелската војска во неделата го бомбардираше бегалскиот камп во Рафа, долж границата со Египет, при што загинаа 48 лица во Појасот Газа, а уште 17 беа убиени при вооружени рации на куќи на окупираниот Западен Брег, јави шпанската јавна телевизија ТВЕ. Во неделата, 60 безживотни тела биле пронајдени во масовна гробница во болницата Насер Јан Јунис, која беше под двомесечна израелска опсада на југот од Појасот Газа, објави ТВЕ, повикувајќи се на државната служба од Појасот Газа.

Од октомври, војската убила 34.000 и ранила 76.000 палестински цивили, според здравствената служба на Појасот Газа.

Парламентарната претставничка на левичарскиот Подемос и до неодамна шпанска министерка за социјални права, Јоне Белара, беше меѓу демонстрантите во Мадрид. „Бараме од шпанската влада и од ЕУ да го прекинат своето соучесништво со САД“, рече таа, критикувајќи ги САД за изгласувањето во Конгресот на 26,4 милијарди долари дополнителна помош за вооружување на Израел.

„Сакаме ЕУ да ги прекине односите со Израел“, истакна Белара.

Истото го побараа и демонстрантите во Барселона, Севиља, Валенсија и други градови. Ова е четврти пат од почетокот на воената инвазија на Појасот Газа да се организираат протести на координиран начин ширум Шпанија.

Израелско-палестинскиот конфликт трае од 1948 година, а ескалира во октомври со нападот на палестинското движење Хамас врз Израел. Во тоа време, според израелската влада, биле убиени 1.200 Израелци, а 250 биле киднапирани.

Левичарската влада на Шпанија се обидува да ги собере членките на ЕУ за заеднички да организираат мировна конференција од која Израел и Палестина би заминале како две соседни, суверени и меѓународно признати држави, што, според премиерот Педро Санчез, е „единствениот начин да се воспостави траен мир на Блискиот Исток“.

Израел се противи на признавањето на Палестина, а во ЕУ смета на поддршка од земји како Германија и Чешка. Во четвртокот САД го блокираа признавањето на Палестина во Обединетите нации како полноправна членка на таа меѓународна организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ