сабота, 27 јули 2024

Протести во Австралија, се бара укинување на националниот празник: „Тоа е ден на инвазија“

Илјадници луѓе го одбележаа националниот празник на Австралија со протестни собири наречени Ден на инвазијата за поддршка на домородната заедница во земјата, повикувајќи да се укине Денот на Австралија или да се помести датумот на прославата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Денот на Австралија го одбележува денот кога Велика Британија ја основаше државата Нов Јужен Велс како казнена колонија, пристигнувајќи во сегашен Сиднеј со првата флота, која донесе колонисти и осуденици.

Многу луѓе го слават празникот правејќи скара и одејќи на плажа, а тоа е и датум кога некои имигранти добиваат австралиско државјанство.

Сепак, многу австралиски староседелци, кои сочинуваат 3,8 отсто од 26-те милиони жители на земјата, го отфрлаат празникот како одбележување на почетокот на неправдите претрпени од европската колонизација.

Во Сиднеј, илјадници демонстранти, многумина веејќи домородни знамиња, се собрале во центарот на градот на собир на Денот на инвазијата пред маршот кој ги затвори околните градски улици.

Водачот на абориџинската заедница Адријан Бурагуба рече дека дошол на собирот за „да им каже на луѓето дека Денот на Австралија не значи ништо“. „Ова е Ден на суверенитетот на Абориџините“, рече Бурагуба.

Демонстрантот Џејмс Камингс, жител на Сиднеј, рече дека „не е вистинскиот ден да се слави националниот ден“.

„Едно од важните прашања за кое се собравме денес е да најдеме посоодветен ден за славење на нацијата“, рече Камингс.

Слични собири се одржаа и во други поголеми градови, вклучувајќи ги Мелбурн во Викторија, Бризбејн во Квинсленд и Хобарт во Тасманија.

Домородните Австралијци, кои ја населиле земјата пред најмалку 65.000 години, се меѓу најранливите групи во земјата и се соочуваат со проблеми, вклучувајќи лоши здравствени и образовни резултати и високи стапки на апсење.

И покрај повиците за промена на датумот на Денот на Австралија од 26 јануари, владејачката Лабуристичка партија предводена од премиерот Ентони Албанис го отфрли таквиот потег. Албанис на церемонијата за добивање државјанство во Канбера рече дека тој ден е можност да застанат и да размислат за сето она што го постигнале како нација.

Два споменици на колонијални личности биле вандализирани во Мелбурн претходно оваа недела, пред контроверзниот државен празник.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ