петок, 26 јули 2024

Протести за Навални пред руските амбасади низ целиот свет: „Путин убиец“ (ВИДЕО)

Стотици демонстранти се собраа денеска низ целиот свет за да го изразат својот гнев поради смртта на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, скандирајќи против рускиот претседател Владимир Путин, кого многумина го обвинуваат за смртта на активистот. Протести има и во Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Протести поради смртта на рускиот опозициски политичар се одржаа во Аргентина, Ерменија, Австрија, Белгија, Чешка, Франција, Грузија, Германија, Велика Британија, Ирска, Израел, Италија, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска, Србија, Црна Гора, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција, САД, Јужна Кореја, Чиле, Португалија, Финска, пренесе Медуза.

Во Берлин демонстрантите извикуваа „Путин во Хаг“, мислејќи на Меѓународниот кривичен суд, кој ги истражува можните воени злосторства извршени во Украина. Полицијата употреби барикади за да го затвори патот меѓу руската амбасада и толпата.

„Алексеј Навални е лидер на руската опозиција и нашите надежи секогаш беа во него“, рече Русинот, обвиен во сино-бело антивоено знаме.

Повеќе од стотина демонстранти се собраа пред руската амбасада во Лондон, држејќи транспаренти на кои Путин го нарекуваат воен злосторник, додека стотици тивко бдееја во Лисабон. Павел Елизаров, 28-годишен Русин што живее во Португалија, рече дека Навални бил „симбол на слободата и надежта“.

Стотина демонстранти се собраа во близина на руската амбасада во Париз со натписи „Путин е убиец“.

„Тешко ми е да ги искажам емоциите, бидејќи сум навистина потресена“, изјави Наталија Морозов. „Сега немаме надеж за убава Русија во иднина.“

Групи луѓе се собраа во Рим, Амстердам, Барселона, Женева и Хаг, меѓу другите.

Од другата страна на Атлантикот, на бдение одржано пред рускиот конзулат во Њујорк, Виолета Соболјева рече дека волонтирала во претседателската кампања на Навални во 2017 година.

„Навистина верував дека тој е тој и дека може да ја води Русија во подобра иднина“, вели Соболјева, Русинка што докторира во Њујорк. „И сега ја изгубивме таа иднина засекогаш, и нема ништо повеќе што може да се направи за тоа, засега.“

Сопругата на Навални, Јулија, е во Минхен, каде што исто така се одржа бдеење. Таа на конференцијата за безбедност во Минхен изјави дека не може да биде сигурна дека нејзиниот сопруг е мртов, бидејќи „Путин и неговата влада… лажат цело време“, но дека ако се докаже дека е вистина, тогаш Путин треба да одговара.

Собири во спомен на Навални се одржуваат и низ Русија. Луѓето носат цвеќе на спомениците на жртвите на политичката репресија.

Жител на Мурманск, кој излегол на улица со плакат на кој пишувало „Алексеј Навални е убиен. Неговата крв е на твоите раце, Вова“, е уапсен.

Медуза ги повика оние што ќе искажуваат почит во спомен на Алексеј Навални на јавни места во Русија да бидат внимателни поради можноста за апсење и кривично гонење.

Во петокот, на 16 февруари, локалната администрација на Руската Федерална казнена служба (ФСИН) објави дека опозицискиот политичар Алексеј Навални починал. Според изјавата на ФСИН, Навални „се чувствувал лошо по прошетката и речиси веднаш ја загубил свеста“. Неговата смрт не е официјално потврдена, но набргу по извештаите за смртта на политичарот, почнаа да се најавуваат комеморативни собири во градовите низ целиот свет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ