вторник, 22 октомври 2024

Протести низ цел Израел, бараат договор за заложниците

Илјадници луѓе во Израел повторно протестираа во повеќе градови за договорот за заложници, барајќи оставка на владата и распишување нови избори, по завршувањето на последната рунда преговори за договор за прекин на огнот во војната во Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На еден од протестните собири, мајка на заложник држен од милитантната палестинска организација Хамас го повика раководството на израелскиот безбедносен апарат да го спречи премиерот Бенјамин Нетанјаху да го „торпедира“ договорот, објави израелскиот весник Хаарец.

Земјите посредници Катар, Египет и САД се надеваат дека договорот ќе доведе до прекин на огнот, како и ослободување на заложниците кои сè уште се држат во Појасот Газа. „Дури и ако ова не е совршен договор, тоа е единствениот договор што постои“, изјавил таткото на еден од заложниците на собирот.

Протести се одржаа во крајбрежната метропола Тел Авив, Хаифа и многу други места низ земјата.

Многу демонстранти го обвинуваат премиерот Нетанјаху дека го саботира договорот и се покорува на барањата на своите ултра-религиозни и екстремно десничарски коалициски партнери. Тие се против отстапки за Хамас, а политичкиот опстанок на Нетанјаху зависи од нив.

Демонстрантите повторно повикаа на оставка на владата и распишување нови избори, во кој случај Нетанјаху може да се соочи со губење на премиерската функција, што би ја забрзало кривичната постапка за наводната корупција за која е обвинет.

Во разговорите со посредство на Катар, Египет и САД, во петокот не беше постигнат напредок и тие беа одложени, но и оценети како конструктивни. Индиректните преговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори се одолговлекуваат со месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ