вторник, 24 декември 2024

Протест во Кочани против повторното исфрлање отпад од други општини на кочанската депонија

Двочасовна блокада на една од главните крстосници во централното градско подрачје попладнево организираа граѓаните на Кочани, со што се спротивставија на повторното исфрлање отпад од другите општини на комуналната депонија кај селото Бели.

Објавено на

часот

Сподели

На протестот граѓаните побараа од општинската администрација и од комуналното јавно претпријатие „Водовод“ да ја почитуваат одлуката на Советот на Општината со која не се дозволува комунални возила од соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево овде да го депонираат отпадот.

„Како граѓани не сме против проектот за регионално решавање на депонирањето на отпадот што е поддржан со средства од европските фондови, но бараме време да ни се врати довербата кон институциите затоа што беше разнишана, особено во последните две години. Сакаме да видиме конкретна имплементација на тој проект, затоа што регионалниот центар за собирање и преработка на отпадот кај Свети Николе сѐ уште е само на хартија. Веќе десетина години се најавува негова изградба, а освен што Кочани ги почитува насоките, во ниту една друга општина не се носи отпадот од соседните градови. Во моментот кога ќе видиме дека регионалниот центар почнува да се гради, ќе дозволиме да продолжи соработката меѓу општините, а дотогаш бараме соседните општини да не депонираат отпад кај нас“, истакна Благица Сабовљевиќ Стоименова, учесничка на протестот.

По завршувањето на блокадата граѓаните се упатија пред салата на Советот на Општина Кочани, каде на редовна седница имаше точка за состојбата со депонијата. На средба со градоначалникот Љупчо Папазов побараа да се почитува донесената одлука за забрана на депонирање отпад од други општини.

„Да се донесе заклучок со кој ние како членови на Советот бараме од оној што стопанисува со депонијата, односно комуналното претпријатие, беспоговорно да ја спроведува претходно донесената одлука да не дозволува депонирање на отпад од други општини. Јасно и гласно, значи без исклучоци, за да нема дилеми и некои други моменти, затоа што градоначалникот кажа дека и тој е мета на притисок од некои институции. Ако бидеме единствени, можеме да истраеме во оваа борба, а ако има разединување, за жал, ќе мора да се оди по друг пат“, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.

Предложениот заклучок доби едногласна поддршка од сите советници, со што Советот како основач, му наложува на КЈП „Водовод“ да не им дозволува на комуналните возила од други општини да влегуваат и да исфрлаат отпад на депонијата кај Бели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ