петок, 26 јули 2024

Протест на ССМ: Работничкиот дом е на работниците, да не дозволи државата да се срами во Стразбур

Работници предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија-ССМ протестираа пред Врховниот суд и на судиите им дадоа жолт картон поради пресудата со која државата им го одзеде Работничкиот дом, каде се просториите на синдикатот од неговото формирање по Втората светска војна. ССМ побара категорично пресудата да биде преиначена зашто располагаат со докази дека почнувајќи од 1948 година работниците издвојувале свои пари за изградба на Работничкиот дом. Ако до Денот на трудот, 1 Мај не бидат исполнети барањата, по правда ќе се оди во Стразбур.

Објавено на

часот

Сподели

„Работничкиот дом е симболот на работничкото движење на работниците и на граѓаните во Македонија. Така било 70 години. Работничкиот дом го преживеал земјотресот во 1963 година, ќе ја преживее и срамната одлука на Врховниот суд за негова конфискација. Работниците од својата уста, од парчето леб издвојуваа пари во 1958 година за да го изградат овој дом бидејќи во 1948 година одлучиле дека нема да носат одлуки на полјани и на ливада во паркот зад работничкиот дом. Тоа што го очекуваме и го очекуваат граѓаните во чие име е донесена пресудата од овие тројца судии е да ја преиначат и укинат“, рече лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој информира дека ССМ поведе постапка за повторување на процесот во Кривичниот суд и поднесе иницијатива до Уставниот суд.

„Со други зборови, одземањето на Работничкиот дом е во насока на убивање на синдикалната борба, а тоа не смееме да го дозволиме, ниту ние, ниту работниците, ниту граѓаните, а уште помалку Врховниот и Уставниот суд, или пак партиите. Има рок до 15 мај за тужба до судот во Стразбур. Немаме за цел државата да се срами пред судиите во Стразбур, подобро ќе биде да не бидеме принудени до таму да одиме“, рече Трендафилов.

Нова „протестна“ средба ССМ закажа за 8 април, која за цел има друго прашање, но ќе се потсети и на борбата за Работничкиот дом.

„Ќе се протестира заради минималната плата. Никој не смее да биде оставен без зголемување на платите, особено сега со покачување на цените и растот на потрошувачката кошничка. Имаме најниска просечна плата во регионот. Граѓаните многу лесно ќе заминат да работат во Црна Гора, БиХ, Србија. Особено сега со Отворен Балкан можат да бираат каде ќе работат. Тажно е кога овде во Македонија работниците работат, а со платата не може достоинствено да се живее“, рече лидерот на ССМ.
Од Врховниот суд денеска се без коментар. Претседателот на Здружението на судии и врховен судија, Џемали Саити изјави дека нема да ја коментира ниту пресудата ниту барањето на ССМ зашто, како што нагласи, не учествувал во одлучувањето.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ