„Издадена е дозвола за користење на патот што е наменет за лесни возила со тежина под пет тони, а веќе три месеци овде се движат возила со тешка машинерија за изградба на хидроцентралата. Исто така, издадено е позитивно мислење за градење на објектот без да се одржи јавна расправа. Фирмата инвеститор која ја гради хидроцентралата постојано укажува дека ја има целокупната документација, ние неколкупати го баравме записникот од јавната расправа, што никаде го нема. Од Општината добивме одговор дека тој, всушност, ни не постои. Поднесовме и пријава до Основното јавно обвинителство за ова, но таа беше одбиена“, истакна Ана Симонова, екоактивистка од Кочани.
На протестот беше упатено и прашање до надлежните како е издадена дозвола за градба на објектот на локација што се наоѓа во заштитено подрачје, на ерозивно земјиште со свлечишта, што ќе предизвика еколошка катастрофа. Беше побарано и да се поднесат обвиненија за злоупотреба на службената должност за они кои дале согласност за користење на локалниот пат.
Протестите и блокирањето на патниот правец ќе продолжат и во наредните денови, сè додека не се стави забрана за користење на асфалтниот коловоз и додека повторно не се разгледа целокупната документација за изградба на минихидроцентралата на Мала Река.