среда, 23 октомври 2024

Протечени тајни документи: Руската морнарица е извежбана за напади на мети во Европа

Русија ја извежбала својата морнарица да гаѓа локации длабоко во Европа со проектили кои можат да носат нуклеарни боеви глави во потенцијален судир со НАТО, тврди Фајненшал тајмс повикувајќи се на тајни документи во кои имале увид.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Картата на цели длабоко во Европа, како западниот брег на Франција и пристанишниот град Бароу ин Фјумс во Британија детално се прикажани во презентацијата за офицерите, изработена пред руската инвазија на Украина, тврди ФТ.

Истио весник претходно пишуваше за податоци од 29 тајни руски воени досиеја, од кои произлегува дека руските сили вежбале користење тактичко нуклеарно оружје во раните фази на потенцијалниот конфликт со голема светска сила.

Најновите откритија од истите документи покажуваат како Русија го замислува конфликтот со Западот, кој ќе излезе далеку од нејзината непосредна граница со НАТО, и планира серија силни напади низ Европа. Документите ФТ ги добиле од западни воени извори.

Руските документи се направени меѓу 2008 и 2014 година, вклучуваат листа на цели за проектили кои можат да носат конвенционални боеви глави или тактичко нуклеарно оружје. Руските офицери ја истакнуваат предноста на користењето нуклеарни боеви глави во раната фаза на конфликтот.

Презентацијата укажува дека Русија ја задржала способноста за лансирање нуклеарно оружје од бродови, за што експертите велат дека носи значителни дополнителни ризици од ескалација или несреќи.

Во документот се наведува дека „високата способноста за маневрирање“ на морнарицата овозможува изведување „ненадејни и превентивни напади“ и „масовни ракетни напади од разни насоки“. Се додава дека нуклеарното оружје „по правило“ е наменето за користење „во комбинација со други средства за уништување“ за постигнување на руските цели.

Вилијам Алберк, поранешен функционер на НАТО кој сега работи за аналитичката група Стимсон центар, кажал дека наведените цели се примерок за мал дел од „стотици, ако не и илјадници мети посочени низ Европа, вклучувајќи воени и критични инфраструктурни цели“.

„Нивниот концепт на војна е тотална војна“, вели Џефри Луис, професор на Институтот за меѓународни студии Мидлбери во Монтереј кој ја проучува контролата на вооружувањето. „Тие тактичките нуклеарни боеви глави ги сметаат за потенцијално воено оружје. Ќе сакаат да ги употребат, и тоа многу брзо“, смета тој.

Тактичкото нуклеарно оружје, кое може да се испорача со проектили од копно или море или од авиони, има пократок дострел и е помалку разорно од поголемите стратегиски оружја дизајнирани да гаѓање на САД. Меѓутоа, тие сепак можат да ослободат значително поголема енергија од оние кои Американците ги фрлија на Хирошима и Нагасаки во Втората светска војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ