сабота, 27 јули 2024
Трогателен последен поздрав од ОУ Ј.Х. Песталоци

Прости Вања, наставниците не умеат да ја решат оваа задача, напишаа од училиштето во кое учеше таа

„Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме…Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања!“ Ова се трогателните реченици со кои на социјалните мрежи од Основното училиште Ј.Х. Песталоци се простија со девојчето кое беше грабнато, па убиено. Вања учеше во деветто одделение и следната година требаше да ја прослави својата полуматура. Да го живее животот ја спречија оние што ја грабнаа, а потоа ја убија. Меѓу неколкутемина осомничени за овој свиреп настан е и нејзиниот татко Александар. 

Објавено на

часот

Сподели

Книга на жалост за смртта на девојчето денес ќе биде отворена во училиштето во кое таа учеше. Повикани се сите оние што сакаат да оддадат почит и да се потпишат. 

„Менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за денешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан“, соопшти Општина Центар.

Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразија најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.

„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединети во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека ѝ е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објавија вчера од општина Центар.

Поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност од сторување на ново кривично дело тројца осомничени за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска завршија во притвор во Истражниот затвор во Шутка. 

Како што претходно објавивме, осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се во 48-часовен притвор. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ