Книга на жалост за смртта на девојчето денес ќе биде отворена во училиштето во кое таа учеше. Повикани се сите оние што сакаат да оддадат почит и да се потпишат.
„Менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за денешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан“, соопшти Општина Центар.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразија најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединети во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека ѝ е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објавија вчера од општина Центар.
Поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност од сторување на ново кривично дело тројца осомничени за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска завршија во притвор во Истражниот затвор во Шутка.
Како што претходно објавивме, осомничените Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се во 48-часовен притвор.