четврток, 26 декември 2024

Промовирана книгата на Стојко Стојков – „Многуимените други. Македонија – пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан“

Македонскиот историчар проф. д-р Стојко Стојков денескa во Македонската академија на науките и уметностите ја промовираше својата нова книга насловена „Многуимените други. Македонија – пресечна точка на Другоста на средновековниот Балкан“.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој труд е плод на 25-годишни истражувања. Целта ми била секогаш – вистината, и сум направил сè што сум можел… Колку сум успеал – тоа други ќе проценуваат. Книгава не ја гледам како почеток – други почнале пред мене, а не е ниту крај – планирам, ако даде Бог здравје, можност да продолжам да работам на оваа тема, зашто има многу што треба да се истражи. Но, се надевам дека таа ќе биде поттик и за повеќе учени да се вклучат, и особено – да биде од корист за читателите“, изјави Стојков за МИА.

Промоцијата е организирана од Комитетот за византологија и медиевистика на Република Македонија – КВМРМ. Делото е замислено како прво издание во новата едиција на комитетот, насловена „Macedonia Byzantina“ (‘Византиска Македонија’). На промоцијата немаше можност за купување примероци од книгата.

„Книгата ќе се продава во книжарниците на Матица македонска“, напиша Стојков претходно на Фејсбук.

Промотори на книгата беа претседателот на КВМРМ, проф. д-р Тони Филипоски и неговиот колега од матичниот Филозофски факултет, проф. д-р Александар Атанасовски.

Книгата ги проучува идентитетите во Средниот век, оскудноста на историските извори, заплетканоста околу сѐ тоа, и нивната злоупотреба денес во политички и геополитички цели. Пишаното дело е поделено на три целини, така што во првите два дела се говори за етнонимите Словени и Бугари во историска Македонија, но и пошироко на Балканот, коишто и според Атанасовски и Филипоски, биле егзоними, т.е. туѓи називи за населението, а не ендоними – изворни етнички имиња што произлегле од народот. Во третиот дел од книгата се говори за Царството на Комитопулите, како што историчарите  ја нарекоа Самоиловата држава.

Инаку Стојко Стојков е копретседател на ОМО „Илинден“- Пирин.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ