сабота, 27 јули 2024

Промоција – песните од Мирко Видоевски како кандилце во долапчето на тетовската македонска душа

Најновата поетска збирка „Пресликани спомени“, комедијата „Прифатен центар“ од 2014 и збирката раскази „Боите на самракот“ на писателот и поетот Мирко Видоески се промовираа вчера на книжевна вечер во организација на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“-Тетово. Покрај најновата книга со поезија, на оваа книжевна вечер се зборуваше и за збирката раскази „Боите на самракот“ поради откажаната промоција во 2003 година. Комедијата „Прифатен центар“ од 2014 се промовираше затоа што по издавањето пред девет години била ставена како дел од „Е-антологијата на драмски текстови“.

Објавено на

часот

Сподели

За најновото дело, поетската збирка „Пресликани спомени“ универзитетската професорка Марина Даниловска, во промотивното обраќање пред присутните порача дека авторот се навраќа на едно време и така создава спомени. Таа посочи дека авторот употребува повеќе стилски фигури во збирката која содржи 41 песна, а сите напишани во слободен стих.

„Тие се надоврзуваат една врз друга сочинувајќи една композиција насликана на белиот простор. Во песните се пее за животот на Поток, за тоа тетовско маало со тесни сокаци, за боите (црвената, црната, белата, жолтата, сината, зелената и виолетовата), за илузијата, лагата, за сонувањето, посакувањата, осаменоста, за љубовта, како и за убавината на жената. Исчитувајќи ги песните на Видоески може да се забележи дека тој покажува длабоко познавање на животот. Во овие песни се чувствува творечкиот немир, внатрешните конфронтации, загледувањето во дните кои изминале, но пред нас јасно ги гледаме замислите на човекот кој чекори по врвицата на животот. Во целата збирка доминира создавањето на спомените, на тие моменти кои имаат особено значење во нашите животи“, истакна проф.д-р Марина Даниловска.

Писателот и универзитетски професор Јован Дамјановски во промотивниот говор за поетската збирка рече дека посебен впечаток за оваа книга е патриотското чувство за Македонија. Тоа е песната „Поточка идила“, а генерално книгата има емотивен неспокој и творечки немир.

„Песните од оваа поетска книга на Мирко Видоески се кандилце што осветлува некое долапче на тетовската македонска душа, што е негов патоказ без знаци за движење и прецизна ориентација. Тука не припаѓаат илузиите кои се спомнуваат, но се анализираат во јавето, а соништата се забораваат. Затоа тој неочекувано збунува, за да ја скрие длабоката спротивставеност со меланхоличните времиња и расположенија“, истакна Дамјановски.

Авторот Мирко Видоески рече дека ретко пишува песни, но кога веќе тоа го прави се обидува да пренесе некоја порака, или пак нешто да предвиди. Така прави спој на неговата основна професија ликовната уметност, но и како драмски автор и поет.

„Моите соништа нема да умрат со мене. Туку ќе останат запишани во моите песни и раскази. И насликани на моите слики, како пеперутка, како цвет, како насмевка, како детски очи, како сино небо, како залезот на сонцето. А моето срце ќе чука во вашите срца“, порача Видоески.

Делови од делата на Видоески читаа актерите Мелиса Ценовска Серафимовска, Марко Богдановски, Наташа Петровска, Глигорије Стојановски, Лазар Саровски и Игор Бачоски.

Мирко Видоески е роден 1957 година во Тетово. Дипломирал Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1989 е претседател на литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ од Тетово. Добитник е на повеќе награди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ