сабота, 27 јули 2024

Промоција на првата Лексикологија на македонскиот јазик од Симона Груевска Маџовска

Објавено на

часот

Сподели

Симона Груевска Маџоска е авторката на првата книга посветена на лексикологијата на македонскиот јазик. Со ова издание, авторката и Книгоиздателството Ми-Ан ја пополнуваат долгогодишната празнина во македонската лингвистика. Книгата е наменета за стручната јавност, но таа ќе биде корисна и нужна и за сите оние кои се интересираат за македонскиот јазик и лингвистиката воопшто.

Иако во македонската лингвистика има многу објавени трудови на лексиколошки теми, сепак недостасува една книга, која може да биде и учебник, во која ќе бидат презентирани сите лексиколошки прашања на едно место. Оваа книга се вика Лексикологија на македонскиот јазик, но секако прашањата што се третираат ѝ припаѓаат на универзалната лексикологија зашто дефинициите на зборот, на лексичкото значење, синонимијата итн. се однесуваат на сите јазици. Таа претставува лексикологија на македонскиот јазик зашто примерите се од македонскиот јазик и нема контрастивни и компаративни истражувања со другите јазици, но тоа е карактеристика на сите учебници по лексикологија што се објавени досега, исто како и кај синтаксата, стилистиката итн.

Промотори на монографијата ќе бидат проф. д-р Димитар Пандев и д-р Емил Ниами. По презентацијата присутните ќе имаат можност и лично да поразговараат со авторката, а исто така и да ѝ постават прашања кои се од интерес на книгата. Влезот на настанот е слободен.

Од септември 1998 година Симона Груевска-Маџоска е избрана во звањето асистент-истражувач на Одделението за лексикологија и лексикографија во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во 2006 година е избрана во звањето виш научен соработник, а во 2012 во звањето научен советник/редовен професор.

Учествувала на следните научни проекти: „Речник на македонската народна поезија“ (соработник), „Интенцијално-синтаксички речник на македонските глаголи“ (соработник), „Толковен речник на македонскиот јазик“ (соработник), „Речник на синоними во македонскиот јазик“ (главен истражувач) „Јазичното планирање и јазичните политики во Република Македонија“ (соработник), „Правопис на македонскиот јазик“ (член на Редакцијата).

Автор е на повеќе статии од областа на лексикологијата, стилистиката и социолингвистиката, Во 2009 година, излезе од печат нејзиниот монографски труд „Лексичка синонимија во македонскиот стандарден јазик“ (рецензенти: проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова и проф. д-р Кирил Конески), а во 2010 година „Социолингвистички огледи“ (рецензенти: проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Томислав Треневски).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ