сабота, 27 јули 2024

Промоција на руската објава на романот „Бродот. Конзархија“ од Томислав Османли

Дистопискиот роман „Бродот. Конзархија“ објавен во едицијата „100 словенски романи“ беше претставен синоќа во Центарот на словенските култури и е договорено на есен да се одржи посебна книжевна средба посветена на романот, вели авторот Томислав Османли.

Објавено на

часот

Сподели

Романот во превод на истакнатата преведувачка Олга Панкина, го објави издавачката куќа Центар за книга „Рудомино” од Москва, вели Османли и додава дека покрај присутните во салата, книжевниот настан се следеше со посредство на директната онлајн линија.

„Станува збор за книга, којашто ми донесе голема сатисфакција со оглед на тоа, дека се изразив себеси – сметам на еден начин којшто, еве, барем мене како автор ме задоволува: не се базира само на изразувањето на сопственото авторско его, на интимата и така натаму, тука се обидува да ја опфати и да ја согледа и судбината на современиот свет, за прво на човекот во современото загрижувачки отуѓено општество“, кажа во поздравното обраќање Османли преку видео снимка.

Проектот „100 словенски романи” со посебен акцент на најновиот роман „Бродот. Конзархија“ го претстави Jулија Созина, соработник во Библиотеката за странска литература, координатор на овој меѓународен проект од руската страна, вели Османли. Присутните ги поздрави Евгениј Резниченко, директорот на Издавачката куќа Центар за книга „Рудомино” кој истовремено е и директор на Институтот за превод во Москва.

Резниченко го оцени романот  „Бродот. Конзархија” како значајно дело кое покренува низа проблеми многу важни за цивилизацијата, вели Османли и додава дека тој го спомена и неговот роман „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)“, во 2015 година публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, кој со успех учествуваше на повеќе саемски и друг вид книжевни претставувања во Русија.

Резиниченко подвлече дека благодарејќи им на усилбите и напорите на Олга Панкина, на нејзиниот исклучителен талент како преведувач и организатор, Центарот за книга „Рудомино” објави толку книги од македонските автори колку што нема објавено од ниеден друг словенски јазик.

Присутните во салата, како и тие кои настанот го следеа онлајн, имаа можност да слушнат извадоци од романот во изведба на артистите на театарот “Город”.

Инаку „Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, сите во превод на Олга Панкина. Оваа  креативна преведувачка е активен афирматор на македонската литература и култура во Русија. Таа веќе 15 години ја води невладината организација Македонски културен центар во Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ