Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Романот ќе го промовира уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, низ разговор со авторот. „Бахус“ е втор, независен дел од предвидената трилогија на Сашо Кузмановски, во која главен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов-Џовани.
„Како и во дебитантскиот роман „Афера во музејот на пари“ („Арс Либрис“, 2021), и во „Бахус“ авторот се претставува со своето раскошно познавање од историјата на Македонија, овој пат надградено со исцрпно истражување на обредите и култовите во античкиот град Стоби, поврзани со познатите церемонии „баханалии“ во чест на римскиот бог на виното. „Бахус“ е исклучително интелигентен, аналитичен и реалистичен трилер, поткован со знаења за антиката и за ритуалите што се практикувале, за окултизмот и псевдонауката, кои вкомпонирани во нашиот контекст, прават еден мајсторски и претставителен криминалистички роман, податлив и за екранизација“, соопштија од издавачката куќа.
Сашо Кузмановски по професија е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Покрај новинарската и водителската работа, почнува да се занимава и со спортско репортерство. Во периодот 1998-2008 година активно работи како новинар и во единствениот македонски дневен спортски весник „Македонски спорт“. Од 2001 година е програмски уредник на Спортското радио „90,3 ФМ“, каде што работи и денес.
Романот „Бахус“ ќе може да се купи во поголемите книжарници и да се нарача онлајн на интернет-продавницата „www.literatura.mk“.