понеделник, 17 март 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Профитот и корупцијата убиваат – насекаде!

Вечерта на 15 март, додека ние што следиме регионални и глобални случувања, ги средувавме впечатоците од големиот масовен протест во Белград, во мојата Македонија се случи трагедија.

Не, овде не загинаа 15 луѓе и причината не беше пад на настрешница, како што тоа беше случај во Нови Сад во ноември 2024. Во моментов, бројот на загинати изнесува над 50 луѓе. Причината е страшен пожар во дискотека во малото гратче Кочани, во источниот дел на земјата. Младите жртви, од 16 години нагоре, настрадале или од димот или од огнот. Очевидците и спасителите немаат зборови да ги опишат сцените на кои наишле. Да биде уште пострашно, бројот на пациенти во критична здравствена состојба е најмалку двапати поголем. Кога слушнав дека на концертот на познатиот музички бенд ДНК присуствувале околу 500 посетители (собрани од сите околни гратчиња), бев збунета. Сум била во тој дел од земјата и знам дека е целосно запустен. Тој е препуштен на постарите луѓе, бидејќи младите заминале во туѓина во потрага по подобар живот. Таму едвај и ќе најдете средени и убави градски објекти, а најмалку би очекувала соодветен пристоен простор за масовен културен или друг вид на собир.

Во моментов сите изразуваат сочувство за семејствата, а мнозина се дури и во потрага по своите деца и не ја знаат нивната судбина. Слабите капацитети на болницата во Кочани се видоа и по сликата на изложените мртви тела пред самиот објект, бидејќи мртовечницата не можела да ги смести. Во акцијата за помош се активирани сите државни капацитети, но хаотично како и обично.

Целата димензија на катастрофата ќе ја сфатите само од една фотографија: таа на опожарената (божем) дискотека! Станува збор за куќарка, која и без концерт или масовен собир, личи како да едвај стои на темелите. Наликува на шупа, на магацин, одберете на што ве потсетува – но, ова дефинитивно не е објект за забава, а најмалку со пиротехнички ефекти! Велат, пожарот избил токму поради искрите од употребената пиротехника која требала да ја „запали атмосферата“.

Но, ајде да видиме дали е така – бидејќи, за жал, вакви сцени од пеколот Македонија веќе видела. Настан кој прв паѓа на ум е пожарот од 2021 година во модуларната (привремена) болница во Тетово, кој за само минута-две однесе 14 животи: од кои 12 на неподвижни пациенти болни од ковид-19 и двајца роднини кои биле случајно присутни. Иронијата на судбината сакаше настанот да се случи додека во главниот град Скопје се прославуваше со огномет Денот на независноста (8 Септември). Целиот државен врв веднаш замина да го посети местото на настанот – немаше ни што да се види, бидејќи сѐ беше пеплосано. Модуларната болница изградена набрзина и спротивно на сите елементарни стандарди за противпожарна заштита на објект во кој беа складирани боци со кислород. Четири години подоцна, сѐ е јасно (кој дал дозвола за градба, кој не ги обезбедил условите за градба на таков објект, кој се сликал за пи-ар кампања кога се пушти во работа). Но, одговорност едноставно нема. Никој не е виновен, освен еден кабел кој заискрил и предизвикал пеколна смрт на 14 луѓе! Дури ни оставката на тогашниот министер за здравство не беше прифатена (патем, тој е сега лидер на опозицијата и „модуларната болница“ е избришана од неговото CV). Листата на скандали која зборува за тоа како се третира животот на обичните луѓе, на најсиромашните и најранливите, е бескрајна. Затоа и не почнувам да раскажувам за недамнешното откритие за корупцијата во одделението за онкологија, во кое цитостатиците биле продавани на граѓани од соседни држави, а на болните им бил даван физиолошки раствор наместо терапија. Барате виновник? Не, формирана беше парламентарна анкетна комисија. И толку.

Сега, логично би било да се постават тешките прашања за дискотеката. Кој дозволил руинирана куќарка, поранешен магацин за теписи, да се издава како место за собирање на млади? Како е можно таков масовен настан да не предизвика интерес кај надлежните (од локалната заедница, но и од централната власт) во врска со стандардите за противпожарна заштита, обележани и пристапни излези итн.? Можно е бидејќи за пари луѓето и душата на ѓаволот ќе си ја продадат: едните за да издадат „дискотека“, другите да свират во неа и заработат, третите за замижат пред случката. Шифрата во која со јавноста се искажува резигнација и огорченост е онаа од модуларната болница, па така и деновиве обичниот човек ќе каже „кабелот е виновен“.

Страшното е што никој, ама баш никој не верува во правда, не верува во казнивост и отчетност, а најмалку одговорност кај носителите на власта.

Уште во мај 2014 година, во времето на ужасните поплави кои го зафатија регионот на бивша Југославија, познатиот хрватски активист Среќко Хорват ќе ја дефинира состојбата со една реченица: „Under the surface of the Balkan floods lies a social disaster” (Под површината на поплавите на Балканот лежи општествена катастрофа). Иако поводот за неговата анализа беше природна несреќа, сепак неговата дијагноза е сѐ уште точна. Во целиот регион се случува општествена катастрофа, непостоење на владеење на правото, одвнатре еродирани институции, неспособност за самоорганизација, и чекање некој друг да ги реши нашите проблеми. Треба да се почне од најважното, а тоа е системот кој е така поставен да глуми демократија, а на власт да носи какистократија. И не само на власт, туку буквално на секое место: од позициите на универзитетски професори, до инспектори, лекари, судии, инженери.

Јавноста ја знае дијагнозата, ама и очајот го прави своето. На социјалните мрежи, веднаш по трагедијата (или поточно, убиството од небрежност) во Кочани, се шири резигнација. Ова е непоправливо. Колега професор ќе напише: „Длабоко верувам дека нашава држава е за еден целосен ресет, почнувајќи од врвот, па до секој поединец и тоа во сите сфери на живеењето, а ако тоа не бива, тогаш нема друго освен „клуч на врата“ и „гасење светла“ (не случајно државата ни се празни со невидено темпо). Речиси и нема сегмент без корупција, без врски, без шарлатанство, без импровизација, без партизација, без на ти го дај ми го, а корупцијата за мнозинството стана нормален „стил на живот“.“

Системот убива, лакомоста за профит, неспособноста и клиентелизмот. Прашањето е само дали ќе има отпор, дали ќе се обелоденат имињата на одговорните? Дали некој политичар ќе преземе морална и политичка одговорност. Патем, додека го завршив текстот, бројката на загинати се искачи на 59. Тоа се три гимназиски класови, во Кочани нема ни доволно свештеници да ги испратат според обичаите.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Албанија испишува историја со можноста за гласање на дијаспората

Јанис Варуфакис

Аргументите против повторното вооружување на Европа

Ристо Цицонков

Стратегија за енергетски развој – да се подготви и да се...

Љубомир Николовски

Кога сѐ ќе појде наопаку

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Александар Донски

Зaслугите на Александар Велики во ширењето на будизмот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ