„Тоа е неминовно во однос на функцијата што ја има јавниот обвинител и прибирањето на материјалните докази, но за разлика од претходно денеска можеме да забележиме дека таа соработка особено за овој случај задоволува“, вели Малиш Саздовска.
Таа објаснува дека станува збор за комплексна истрага.
„Сите кривични дела кои во себе содржат пожар, опасни материи, експлозија и слично каде што има опожарување на местото на настанот, од крминалистичко-техничка гледна точка е многу комплексно да се истражува. Тоа значи сите оние инцијални траги кои што може да ги имаме во однос на траги, предмети…се изгорени и тешко е да направи увид. Меѓутоа, од официјалните информации на надлежните беше кажано дека е постапено благовремено. Тука морам да ги споменам тие што ја водат истрагата од МВР кои го почитуваат основното начело во криминалистиката, а тоа е начелото на оперативност и брзина на постапување. Очекувам дека ќе се обезбедат материјални траги во интерес на истрагата. Кога зборуваме за активностите на МВР би сакала да ги поделам на две фокус точки. Првата е форензичкиот дел, односно увидот на местото на настанот, но фокусот би го ставила на криминалистичко-оперативната дејност. Тоа значи дека сега инспекторите треба да ги собрат сите останати информации како што е увидот во документацијата, лиценци, одобренија со кои ќе се потврдат сомненијата кои се појавуваат“, вели Малиш Саздовска.
Но, таа потенцира дека истрагата не се води само од МВР туку и од други институции.
„Тоа дополнително ја отежнува истрагата бидејќи не е само еден орган надлежен. Но, она што може да го забележиме е посветеноста да се откријат сторителите на ова кривично дело и да биде задоволена правдата“.
Во однос на тоа дали треба да има проширување на истрагата, Малиш Саздовска вели дека секоја истрага во одреден момент има одредена динамика и одреден круг на осомничени луѓе.
„За тие осомничени лица ќе се поднесе одредена кривична пријава кога ќе се соберат доказите и точно ќе се специфицира за кое кривично дело станува збор. Понатаму јавниот обвинител треба да процени дали врз основа на таа кривична пријава ќе се поднесе обвинителен акт, па ќе следи судска процедура, па евентуално изрекување на казна за тоа кривично дело“, вели професорката Малиш Саздовска.
Како што објаснува таа, мерките кои се преземаат по природата на работите се тајни, а тоа значи дека не смеат да се објавуваат.
„Затоа што ако се објават може да се компромитираат мерките кои што се преземаат. Затоа мора да се внимава што се зборува во јавноста“, заклучува универзитетската професорка Марина Малиш Саздовска.