сабота, 27 јули 2024

Проектот на „Бехтел и Енка“ влегува во судски процедури, се најавува репреговарање

Вчера јавниот обвинител Љупчо Коцевски вели дека наскоро се очекува јавнообвинителска одлука од испитувањата на договорите на „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатиштата на коридорите 8 и 10д. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет за изборот на фирмите кои треба да вршат надзор на изградбата на коридорите. Неделава вешти лица на Основниот суд од Прилеп се на терен каде се врши ископ од страна на работниците на американско-турскиот конзорциум пред почетокот на изградбата на автопатот Битола – Прилеп. Таму вештите лица испитуваат дали се врши загрозување на животната средина.

 

Објавено на

часот

Сподели

Јавниот обвинител Коцевски отворено изјави дека во обвинителството се истражувале податоците за начинот на потпишувањето на договорите со „Бехтел и Енка“.

„Преземени се многу работи. Се работи конзорциум од три фирми што се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејства и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука“, изјави Коцевски за предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“ и додаде дека се работи за предистрага. Меѓу другото, се испитува и начинот на избор на фирмата „Електра солушнс“ која обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

Многу брзо е можна јавнообвинителска одлука за случајот со „Бехтел и Енка“, најави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Обвинителството го испитува и првиот склучен договор кој потоа беше поништен, но и вториот кој потоа беше потпишан.

Вешти лица од Прилеп на отворениот коп над село Ореовец  бараат докази дали работниците на „Бехтел и Енка“ со ископот на материјал на теренот за градба на автопатот Прилеп-Битола предизвикуваат штети на животната средина, изворите на вода и на објектите во Ореовец.

До Уставниот суд поднесена е и иницијатива за оспорување на уставноста на членови од Законот за изградба на автопатиштата во врска со овој договор вреден 1,3 милијарди евра за 5 години. Иницијативата се однесува на нарушени најмалку три темелни вредности на Уставот, а едно од нив е правото на здрава животна средина.

Наспроти ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе изјави дека новата влада ќе се обиде да ги репреговара сите одредби од договорот меѓу Македонија и „Бехтел и Енка“. Она што се дознава од партиски извори е дека идната Влада ќе бара продолжување на договорот од сегашните 5 на 10 години за да се растерети товарот на буџетот и скратување на вредноста на договорот со намалување на километражата на планираните делници. Ваквото можно репрограмирање или дополнително преговарање на овој договор не ја исклучува одговорноста на одредени претходни функционери, велат од партијата. Одговорен министер за овој проект во минатата влада беше Артан Груби.

Договорот со изградбата на коридорите 8 и 10Д беше потпишан на 8 март минатата година кој опфати изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри и која треба да чини 1,3 милијарди евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ