Тој на денешната прес – конференција по отворањето на поликлиниката во Сарај одговорајќи на новинарски прашања рече дека претседателот Стево Пендаровски успешно го извршува својот мандат, но дека не може да прејудицира кој ќе биде предлог кандидат за следните избори.
„Јас неколкупати имам кажано дека во таа номинациска трка сите можни кандидати имаат еднаква стартна позиција, бидејќи така налага статустот на СДСМ. Што се однесува до Пендаровски тој успешо го извршува својот претседателски мандат, се држеше до вредностите за кои се залагаат коалиционите партнери ја поддржа неговата кандидатура кога беше избран за претседател. Исто така ги поддржуваше евроинтеграциите на државата и сметам дека сите граѓани ги третираше еднакво без разлика на нивната припадност по кој било основ. Во моментов можам да зборувам за тоа какви вредности треба да дели кандидат кој би бил поддржан од коалицијата, но не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот затоа што тоа би било неетички и неблагодарно“, посочи Ковачевски.
Тој денеска не одговори кога ќе се сретне со лидерот на опозоцијата Христијан Мицкоски во врска со техничката Влада, а за оставката рече дека таа ќе биде во законски предвидениот рок.
„Во однос на оставката, таа ќе биде во законски рок поднесена, верувам на крајот на неделата после следната. И вчера имаше соопштение од Собранието во однос на датумите за гласање на техничка влада, така што тој дел ќе биде завршен така како што е пропишано согласно со закон“, изјави Ковачевски.
Со ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа, ќе имаме средба на која што ќе поразговараме околу подготовките за изборниот процес.
„Гледате, техничката влада е дефинирана согласно со закон. СДСМ излезе со своите кандидати според Статут одобрени од Централниот одбор за во техничката влада. Истото веројатно ќе го направи и ВМРО-ДПМНЕ, ќе се оди во Собрание и ќе се гласа за техничката влада и потоа отпочнуваат изборите“, рече Ковачевски.
СДСМ и тој како нејзин претседател разговараат за заеднички настап на изборите со сите коалициски партнери, меѓутоа, како што кажа Ковачевски, во моментов разговорите се на ниво на анализи, на програми, на визијата за државата, а не се насочени во детали во однос на тоа како би изгледале пратеничките листи.
Седницата за избор на техничката влада е најавена за 27 и 28 јануари, а се очекува премиерот во неделата претходно да поднесе оставка. Оставка се очекува и од претседателот на Собранието Талат Џафери кој ќе биде технички премиер, како и изборот на Јован Митрески за претседател на Собранието.