Од МВР денеска соопштија дека на 18 март околу 18.00 часот во Стар Дојран, полициски службеници од СВР Струмица и ОВР Гевгелија во близина на пријавените П.П.Г. и П.Р. пронашле торба во која имало две ќеси со марихуана со вкупна тежина од 2 килограми и 876 грама, како и пакување со бела грутчеста материја.
„Подоцна, по преземени мерки, во атар на Богданци била пронајдена и марихуана со маса од 478 грама, која, исто така, П.П.Г. ја подготвил за продажба. На 19 март во 03.30 часот од слобода бил лишен и пријавениот В.Ќ., кој посредувал при продажба и транспорт на дрогата, а било пронајдено и возилото со кое се превезувале лицата и во кое била транспортирана марихуаната“, се посочува во соопштението.
Врз основа на судски наредби биле извршени претреси во домови и други простории кои ги користат пријавените, од кои три во село Стојаково, два во Гевгелија и еден во Валандово. При претресите биле пронајдени и пакување со грутчеста материја, предмети со остатоци од бела прашкаста материја, дробилка, пиротехнички средства и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривичното дело.
Лицата биле изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој им определил мерка притвор во траење од по 30 дена.