четврток, 30 мај 2024

Приватните специјализанти стапија во штрајк, нема веќе работа за 400 евра

Над 400 приватни специјализанти изутринава стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа  во изнoс од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми“,  изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.

Таа кажа дека штрaјкот значи дека приватните специјализанти нема да ги извршуваат нивните работни обврски, нема да се појавуваат на дежурства, нема да држат амбуланти, односно целосно ќе го бојкотираат работниот процес. Штрајкот ќе трае додека не бидат исполнети нивните барања.

Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада, но  дека засега немаат никаков одговор. Прашана дали би прифатиле исполнување на нивните барања после изборите, Илиоска Чешлароска рече само доклоку добијат писмена гаранција за тоа.

„Со оглед дека ние не сме според Колективниот договор туку сме ангажирани со Договор на дело, мислам дека има простор и може тоа да се реши. Исто така може да се праша Антикорупциската комисија која ќе каже дали смее или не смее во овој момент. Меѓутоа ако не може и ако сега не е никако изводливо од правна гледна точка, а ни дадат писмена гаранција која ќе помине на Влада и ќе знаеме дека после 8 мај ќе ни бидат усвоени барањата тогаш ќе го прекинеме штрајкот. Но доколку тоа не го добиеме, продолжуваме со штрајкот затоа што досега добивме само празни ветувња“, изјави д-р Кристина Илиоска Чешлароска.

Таа информираше дека повеќето клиники во кои работат приватните специјализанти почнале со реогранизација на работата и на нивно место се повикувале специјалисти и државните специјализанти.

Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот  ќе се одржи средба во Влада.

„Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети“, нагласи Илиоска Чешлароска.

Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, рече дека работно максимално се посветуваат, а се ставени во разочарувачка деградирачка позиција.

„Дежураме по 24 часа, ги држиме сите амбуланти, асистираме во операции и сето тоа е наградено со многу ниска плата, немаме здравствено осигурување“, изјави д-р Пејоска.

На протестот беше нагласено и дискриминирањето при остварување на мајчинство и породилно отсуство, бидејќи тогаш се укинува надоместот.

„Мора да се напомене и породилното отсуство. Ние како приватни специјализанти од женскиот пол сме диксриминирани во остварување на нашето право на мајчинство затоа што во текот на породилното отсуство нам целосно ни се укинува тој надоместок од 26.000 денари“, кажа доктор Илиоска Чешлароска.

Сите овие луѓе, беше кажано на протестот, имаат желба да останат во државата, да работат и да се грижат за пациентите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ