Објаснувајќи која институција каква надлежност има при одобрувањето за работа на дискотеката во Кочани, Николоски кажа дека Министерството за транспорт и врски во овој случај нема никакви надлежности затоа што после децентрализацијата има надлежност за издавање само на лиценци од А категорија односно за градби од државен интерес.
„Од она што јас го знам објектот е изграден во 1999 година според тогашниот план на општина Кочани. Од аспект на урбанистичко планирање таму законите се испочитувани. Проблемот настанува тогаш кога почнала адаптацијата на внатрешноста на објектот без никакво одобрение од никого. Дополнително е ставен печат од лице кое или не видело што се случува таму, па на слепо ставило потпис и печат или видело, ама го игнорирало тоа. Приватни фирми од областа на урбанистичкото планирање утврдуваат дали објектот е според стандарди или не. Главниот проблем е во пријавата за исполнување на минимално технички услови. Она што е многу битно, а го пропишува законот е тоа дека службеното лице надлежно за водење на постапката од областа на угостителството од Министерството за економија по службена должност ги прибавува доказите во рок од три работни дена од поднесува на барањето. Според мене законот не е добар и мора да се смени за да има многу појасна и поголема контрола. Сега е оставено на широко толкување на законот. Проблемот е што законот остава на совеста на подносителот на пријавата кој што гарантира со изјава пред нотар дека се исполнети сите услови, а при тоа нотарот нема начин како да провери дали е тоа така“, рече Николоски.
Во 2008 година со регулаторната гилотина се сменети условите и оттогаш лиценците се издаваат на жими мајка, а оже некогаш да изврши контролата,а може и никогаш. Прашан дали ќе се сменат сите потребни закони за да не се остави сѐ на „жими мајка“ односно на совеста на барателите на лиценци, како што е сега, критериум воведен со мерката регулаторна гилотина во 2008 година, Николски рече дека идејата е да се направи една поголема ревизија на постојните закони.
„Можеби треба да се намалат процедурите што е заложба уште од 2008 година кога јас бев пратеник. Сега законите се целосно злоупотребени затоа што и патот до пеколот е поплочен со добри намери и очигледно тој систем не функционира и мора да се менува. Ова е вториот дел од акцијата што ја почнуваме“, изјави Николоски.
Прашан дали за ваква обемна акција има јасна поддршка од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и нема да им се попушта на партиските членови особено во пресрет на локалните избори, Николоски рече дека поддршката е недвојбена.
„Недвојбено е мислењето на сите членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да се поддржи Владата и јавното обвинителство во активностите што ги прават затоа што еднаш засекогаш мора да се расчисти“, кажа Николоски.
Многу од објектите кои што легално се стекнале со лиценци за вршење на дејност, по добивањето на документот, престанувале да ги исполнуваат условите врз основа кои што ја добиле лиценцата, соопшто денеска на прес конференција во Владата, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој посочи дека Владата донела одлука да се направи контрола на сите издадени лиценци од страна на министерствата во рамки на Владата без разлика на што се однесуваат.