сабота, 27 јули 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Приватизација на македонското претседавање со ОБСЕ

Колку и да сака да го претстави така, нашето претседавање со ОБСЕ не е некаков специјален дострел на Владата или на нашата надворешна политика. Факт е дека години наназад никој не се „тепа“ да го преземе претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација. Има повеќе причини за тоа, а губењето на релевантноста на ОБСЕ по војната во Грузија 2008 година е една од нив. ОБСЕ која беше формирана како форум за дијалог и доколку е потребно за мировни разговори помеѓу Истокот и Западот, својот врв го доживеа за време на војната во поранешна Југославија. Од тогаш наваму, а особено по војната во Грузија во 2008 година, ОБСЕ жестоко се бори сериозно да се факторизира на меѓународната политичка сцена, но со многу дискутабилен резултат.

Генералното немање ентузијазам за претседавање е поврзано и со финансискиот влог од повеќе милиони евра колку што главно чини едно претседавање. Земјите учеснички очигледно сметаат дека овој чин не нуди добивка што би го оправдала нивното кадровско и финансиско инвестирање.

Во констелација на политички ризик, дополнително обременет со војната во Украина, големите сили не покажуваат посериозен интерес да го водат политичкиот процес како претседавачи, туку тоа главно го препуштаат на помалите земји учеснички (како што се Србија, Албанија и сега ние), а самите преферираат да делуваат од втор план, вклучително и врз претседавачите.

Тие резерви се отидени до таму што до сега во ОБСЕ се уште се нема пријавено кандидат за претседавање во идната 2024 година, иако вообичаено земјите се кандидираат неколку години претходно. Како стојат работите денес, во отсуство на „охрабрени“ кандидати, можно е дури да се случи ние да добиеме охрабрување да го продолжиме претседавањето за уште една година. Тоа би било претставено во јавноста како голем успех на нашето претседавање, но секако би било настан без преседан во историјата на ОБСЕ и силен показател за политичкиот ќорсокак во кој западнала Организацијата. Секако и дополнителен милионски трошок за нас.

Но, можеби поважно прашање е која беше нашата потреба од претседавање токму сега? Во една алармантна состојба во државата, кога не функционираат здравството и образованието, кога владеењето на правото е брутално суспендирано, кога корупцијата од внатре го разјадува државниот апарат, а администрацијата секојдневно штрајкува за подобра економска положба – која е потребата да потрошите 5-6 милиони евра за претседавање? И можеби уште толку следната година?

Нашиот мултилатерален имиџ со сигурност нема да биде битно подобрен. ОБСЕ Мисијата за „лошите ученици“ и натаму, веќе три децении за жал останува во Скопје. Тука нема поместување и кај нас веќе се создава некој вид зависност од неа, иако сите десетина земји учеснички кај кои што има распоредено такви мисии на ОБСЕ од петни жили се трудат да го исползуваат теренското присуство на ОБСЕ, да ги надминат внатрешните предизвици и што поскоро тие да се затворат. Таков беше случајот со Хрватска пред нејзиното влегување во ЕУ, кога беше затворено ОБСЕ присуството во оваа земја.

Моето првично разбирање за претседавањето беше дека примарната мотивација за нас е интересот за пошироко расветлување на мотивите на бугарските позиции и непринципиелната блокада преку внесување билатерални и историски прашања на нашиот пат кон членството во ЕУ, што е неспорно наш врвен национален интерес. До сега поминаа цели 5 месеци од нашето претседавање и не само што не видовме ниту една активност која би помогнала да го одврземе јазолот со Бугарија, туку таа тема, според највисоки членови на македонскиот тим за претседавањето, како табу тема била стриктно забранета од страна на г-нот Османи. Дадената инструкција била јасна и недвосмислена: нема мешање на бугарската блокада со приоритетите на нашето претседавање и покрај речиси неограничените можности што претседавањето го овозможува ?!

Ако е така, па зошто сме одлучиле да претседаваме?

Испаѓа дека примарната цел на нашата претседателска повеќе милионска евро инвестиција всушност лежи помагањето на политичките амбиции на господинот Османи. Од негов аспект ова веројатно треба да претставува совршена само-промоција за зајакнување на неговата сериозно разнишана положба во ДУИ и останување во игра за други високи државни функции во иднина.

Зошто тој ги елиминирал од тимот за претседавање сите искусни и способни кадри од МНР, вклучувајќи и поранешни амбасадори во ОБСЕ со нивното непроценливо искуство, а го наполнил со дипломати без никакво претходно искуство во соработката со ОБСЕ? Ова изгледа како типичен комплекс на несигурен шеф, кој што отстранува квалитетни соработници и регрутира главно почетници, бидејќи се плаши дека може да биде засенет. А „славата“ не смее да се дели, туку треба да ја понесе само тој и никој друг. За негово лично добро. Чиста приватизација на претседавањето, која што сите ние ја плаќаме со милиони евра.

 Како темна сенка над нашето претседавање сè уште се надвива едно до сега неразјаснето прашање – од кои причини во Виена како заменик шеф на нашата Мисија при ОБСЕ беше испратен дипломат кој дури воопшто не се ни пријавил на внатрешниот конкурс во МНР? Нешто што инаку е задолжителна процедура. Дали министерот решил на своја рака, од само нему познати причини, да го упати истиот или пак добил наредба од некого „одозгора“, а тоа можел да биде само премиерот (во тоа време Заев), ќе покаже времето. Исто така, се надевам дека во иднина ќе дознаеме повеќе и за мотивите на ова контроверзно упатување.

Факт е дека дипломатот, несуден заменик шеф на Мисијата во Виена после само десетина дена од мандатот беше уапсен и пет месеци притворен во Србија врз основа на меѓународна потерница на Интерпол и така неславно ја заврши дипломатската кариера. Многу нешта во овој случај сè уште се обвиткани со вел на тајна.

Тешко е да се разбере мотивот на г-нот Османи за високи позиции во нашето претседавање во ОБСЕ да номинира анонимни личности, инаку членови на ДУИ. Таков е на пример последниот случај со именување специјален претставник на претседавачот за млади „во ликот и делото“ на млад дипломат, без дипломатско искуство, доведен во дипломатијата пред две години од друга институција, токму од Османи. Што таков претставник може да ѝ понуди на Организацијата е легитимно прашање, кое што очигледно ни најмалку не го тангира Османи.

И за крај, малку за иницијативата на г-нот Османи за формирање на некаков центар на ОБСЕ за медијација, дијалог и помирување во Охрид. Ова е уште една димна завеса на г-нот Османи од неговиот ПР арсенал, со кој навистина не се прослави изминатите две години (сетете се на електричните тротинетчиња, зелената агенда на МНР и лажното свирење електрична гитара).

Како прво, дилетантски е да се смета дека самото име на Охрид претставува некаква основа за формирање ваков центар и дека сите ќе се залетаат да си ги решаваат споровите токму во Охрид, небаре работата е до охридската клима или охридската пастрмка. Ако сме сериозни, за ваков потфат се потребни силна инфраструктура, одржливи финансиски средства и кадровски капацитет. Реално, наследството на Рамковниот охридски договор кој инаку е склучен на Водно во Скопје и неодамнешните српско-косовски преговори кои завршија со фијаско, не претставува никаква основа за успех на еден ваков проект. Ние немаме дипломати и интелектуалци од рангот и искуството на еден Марти Ахтисари и тоа не е срамота да се каже.

Уште понесериозно е да се зборува дека први кандидати за помирување во Охрид ќе бидат Ерменија и Азербејџан, кога знаеме дека тие се во повеќе децениски спор и во крвав конфликт во Нагорно Карабах уште од 1989 година, како и дека тие се всушност полигон за тнр. прокси војни на големите сили кои што стојат зад нив. Следствено, доколку хипотетично една од страните и прифати да преговара во Охрид, речиси сигурно е дека другата тоа ќе го одбие како пристрасен предлог. Самата Организација, како врв на своите напори, во 1994 ја формираше тнр. Минск група, која со ко-претседавање на високи дипломати од Франција, САД и Русија преку Минск процесот со својот авторитет речиси три децении безуспешно се обидува да му стави крај на конфликтот. Овој процес претставува огромна политичка инвестиција на меѓународната заедница и добро би било г-нот Османи да ѝ појасни на јавноста каде е во овој контекст предложениот Центар во Охрид? Дали тоа би значело укинување на Минск процесот? Какви кадри би работеле во него? Партиски? На ДУИ?

Претседавачот, се чини, целосно го има изгубено чувството за реалност. По се изгледа дека и оваа идеја претставува само уште еден неуспешен ПР обид во низа, со краток рок на траење.

                                                                                                                       Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ