сабота, 27 јули 2024

Приштина: Полициските патроли на Косово ќе носат долги цевки; Белград: Приштина го криминализира српското население

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља изјави дека сите полициски патроли ќе бидат опремени со долги цевки.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со купување на ова оружје за сите полициски патроли низ Косово се зголемува ефикасноста во борбата против криминалот, што овозможува побезбедна средина, помирен јавен ред и повеќе безбедност за нашите полицајци“, порача Свечља на Фејсбук.

Тој не прецизираше колку пушки се купени за полициските патроли, туку само ѝ се заблагодари на Хрватска „на блиската и коректна соработка со институциите на Република Косово“.

Буџетот на министерството за внатрешни работи на Косово за оваа година е најголем во последните неколку години и изнесува повеќе од 216 милиони евра.

Полицијата на Косово е формирана пред 24 години и има повеќе од 9.000 припадници со различни чинови. Полицијата е првиот безбедносен одговор на Косово, а потоа доаѓаат мисијата на Европската Унија за владеење на правото (Еулекс) и воената мисија на НАТО на Косово, Кфор.

Кфор ја обезбедува границата на Косово со Србија, додека косовската полиција е одговорна за остатокот од граничната линија.

Купувањето на пушките за полицајците доаѓа еден ден откако САД го одобрија барањето на Приштина за купување 246 противтенковски системи „џавелин“ од американско производство за косовските безбедносни сили.

За процесот на купување на овие ракетни системи да биде завршен, неопходно е да добие согласност од американскиот Конгрес.

Министерот за внатрешни работи на Србија Братислав Гашиќ оцени дека најавата дека сите патроли на косовската полиција ќе бидат опремени со долги цевки е „исклучително провокативна и опасна за кревање на тензиите“.

Тој истакна дека долгите цевки не се користат ниту во редовната контрола на сообраќајот, ниту во редовната контрола на граѓаните.

Гашиќ оцени дека со таа најава Свечља „го криминализира српското население“ на Косово.

Тој го обвини косовскиот премиер Аљбин Курти дека продолжува со политика на „заплашување и насилство над српското население на Косово и Метохија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ