среда, 29 мај 2024
Парламентарни избори 2024

Приоритет на ЗНАМ е департизација на АРМ и МВР, тврди Арсоски

Професионализација и департизација на армијата и полицијата и трајно и системско решение за статусот на професионалните војници, модернизирање на опремата на безбедносните служби и подобрување на нивните услови за работа се меѓу приоритетите во одбраната на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Приоритетите на ЗНАМ на прес-конференција денеска ги соопшти армискиот генерал Павле Арсоски, носител на листа за пратеници во Третата изборна единица. Нагласи дека нивната програма „Проглас за достоинствена Македонија“ сериозно посветува дел на безбедноста и одбраната на државата затоа што, рече, нема просперитет, инвестиции и економски развој ако нема мир и стабилност.

Нагласи дека заложба на ЗНАМ е враќање на вистинскиот патриотизам и љубов кон татковината и особено „враќање на достоинството и угледот на униформата во Македонија“.

„Ние од ЗНАМ имаме намера да воведеме целосна професионализација и департизација на сите безбедносни, разузнувачки и контраразузнувачки служби и нивно фокусирање исклучиво на мисиите и задачите поради кои се формирани и постојат, а во служба на безбедноста и одбраната на државата. Македонската армија и полиција мора да се деполитизираат и департизираат. Недозволиво е униформата и струката да се изземат од одлучувањето за кариерен развој на војниците и полицајците, за нивното вработување, школување и усовршување, за нивното упатување во операции надвор од државата и секакво друго одлучување во делот на службата, а сето тоа наместо нив да го преземат партиски носители на политички функции“, истакна Арсоски.

ЗНАМ ќе се залага за подобрување на условите за работа и стандардот на вработените во армијата и полицијата, инвестирање во модернизација на нивната опрема и, како што рече, „особено на враќање на достоинството и угледот на униформата во Македонија“.

Во Прогласот на ЗНАМ е предвидено, посочи Арсоски,  конечно и трајно, системски и со закон решавање на статусот на професионалните војници.

„Тие веројатно се единствена категорија вработени во државниот сектор со статус на определено време во текот на целата нивна кариера.  Нашата намера како крајна цел е тие да имаат статус и права како сите останати вработени во Армијата. На војниците им е доста од игнорирање на нивниот статус, особено од несериозни ад хок ветувања кои ги слушаат деновиве. Власта на СДСМ и ДУИ имаше долги седум години да го реши овој проблем, но не го стори тоа. Ние од ЗНАМ ќе го решиме ова прашање“, истакна носителот на пратеничката листа на ЗНАМ во ИЕ 3.

Повика на поддршка на претстојните избори бидејќи, рече, во ЗНАМ се цврсто решени државава повторно да ја направаат самоодржлива и независна.

„Но, пред сѐ, цврсто сме решени да покажеме поинаков начин на практикување на власт, на вистинска служба во интерес на граѓаните“, додаде Арсоски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ