сабота, 22 март 2025

Принцот Вилијам се возеше во тенк во близина на руската граница (ФОТО+ВИДЕО)

Ако посетите на членовите на британското кралско семејство служат за испраќање политички пораки, тогаш фотографијата на принцот од Велс во тенк во близина на руската граница е една од најдиректните, пренесува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Имено, принцот Вилијам пристигна во Естонија за да ги поддржи британските војници во најголемото прекуокеанско оперативно распоредување на британската војска, која ја брани оваа балтичка држава од потенцијална руска закана. Во петокот, на ледениот и каллив воен полигон, принцот ги набљудуваше војниците и воената опрема кои го чуваат источното крило на НАТО.

Би-би-си известува дека принцот Вилијам, во маскирна униформа, гледајќи од тенкот Челинџер 2, а потоа и од оклопно борбено возило, „јасно ја покажа решеноста на Британија да одврати каква било руска агресија“.

За време на дводневната посета на Естонија, принцот Вилијам посети некои од 900-те британски војници кои ја сочинуваат оваа мултинационална група, вклучително и членови на полкот Мерсиан, чијшто е почесен полковник.

Тој го обиколи воениот полигон во кампот Тапа, каде што се спроведува операцијата Кабрит, британскиот придонес за „колективната безбедност и одбрана“ на НАТО на овој ранлив балтички регион. Принцот, носејќи ги ознаките на НАТО на униформата, ја набљудуваше теренската обука на борбената група и разговараше со естонските и француските војници.

Тој ги праша војниците за нивното распоредување во контекст на „близината со Русија“ и ги праша дали оваа ситуација им делува пореална од претходните вежби. Вака во пракса изгледа одвраќањето на Русија, наведува Би-би-си – базата покажува колку е променет односот на силите.

Пред Естонија да ја врати својата независност во 1991 година, ова беше советска база за воздушна одбрана со МИГ-ови подготвени за конфликт со Западот. Денес, позициите се обратни, а естонските војници и нивните сојузници од НАТО се таму за да спречат можна руска инвазија.

Стратешки важната воена база постојано се шири, а нејзините заледени улици се полни со воени возила.

Покрај возењето во тенк Челинџер 2, принцот го разгледа и оклопното возило „Вориор“, француското борбено возило „Грифон“, повеќекратен ракетен систем, возилото Тројан за отстранување препреки и управуваше со мобилниот артилериски систем „Арчер“.

Војната во Украина покажа колку брзо се менува воената технологија, па вчера принцот посети компанија во главниот град Талин која произведува дронови на погон со водород.

Во базата Тапа, тој ги праша војниците за новата „закана од беспилотни летала“ со кои се соочуваат модерните војски и за „промените во тактиката“ што таа ги бара. Предупредувачки знаци се поставени околу базата: „Пријавете ги сите забележани дронови“.

Посетата беше насочена и за доброто на војниците стационирани таму. Принцот Вилијам праша дали сè уште постои стигма околу разговорите за менталното здравје во војската. „Тоа оди во вистинската насока“, одговори службеничката за социјална заштита Ејми Џејн Хејл.

За време на обиколката на просториите, принцот играше и партија билијард и фудбал на маса. Фудбалската пресметка брзо се претвори во дуел меѓу неговата омилена Астон Вила и навивачите на ривалот Бирмингем Сити.

Во четвртокот стотици Естонци на студот чекаа да го поздрават принцот во Талин, да му подадат рака или да направат селфи. Принцот беше срдечно пречекан во оваа мала, технолошки напредна земја, која сè повеќе се потпира на сојузниците.

Естонија силно ја поддржува Украина, дели граница со Русија и беше дел од Советскиот Сојуз. Во главниот град, украинските знамиња се веат насекаде, покрај естонското сино-црно-бело знаме. Многу украински семејства се засолнија во Естонија. За време на посетата на училиштето за украински деца бегалци во Талин, принцот Вилијам ја пофали силата на Украина.

„Украинската отпорност е видлива насекаде“, им рече тој на учениците, додавајќи: „Имате извонреден дух и многу добри души, а тоа е многу важно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ