Надлежните од Здравствениот дом денеска негираа какво било влијание, партиско или етничко за прием на стоматолози и сестри и велат дека се примени најдобрите кандидати, лица кои биле на тестирање, верифицирани од Комисијата.
„Тестовите ги подготвува Министерството за здравство, тие ги подготвуваат и ги доставуваат до Комисијата. По завршувањето на процедурите, институцијата ги избира најдобрите кандидати. Незадоволните имаат право на жалба“, велат од Здравствен дом Куманово.
Од установата посочуваат дека има и видео-снимки од полагањето на кандидатите и кажаа дека за вработувањата реагираат најслабо рангираните кандидати. Оттаму посочуваат дека примените сестри неколку години работеле и се докажале и дека биле во „првите редови“ во борба против ковид-19.
Во соопштението кое беше претходно испратено до медиумите, се тврди дека на огласот од 6 декември претходната година, за доктори по стоматологија се примени 100 проценти Албанци, а на огласот за медицински сестри од 12 дури 9 се од албанска националност.
„Примените кандидати се примени без претходно објавување на ранг-листа. Примените кандидати се примени во спротивност на балансерот при што се ускратени правата на кандидатите Македонци (доктори по стоматологија). Кандидатите Македонци на полагањето биле одделени од кандидатите Албанци во посебна просторија. Кандидатите Албанци по кажување на членовите од комисијата воопшто се немаат појавено на полагањето“, се вели во соопштението испратено до медиумите.
И во март, лани имаше обвинувања за партиски вработувања, тогаш директорот на установата негираше, а од Здравствен дом кажаа дека инспекцијата не пронашла грешки за тој конкурс