„Оваа е 23-та по ред изложба на маските со што, всушност, ги започнуваме карневалските свечености во Прилеп. На изложбата има преку 800 маски и доаѓа до израз креативноста на нашите најмлади учесници, кои ќе ја продолжат традицијата и она што ќе го остават како културно наследство“, рече Снежана Ристеска од локалната самоуправа во Прилеп.
Од изложбата се наградени најдобро изработените маски, а од годинава се воведе и наградата – најиновативна маска.
„Предност им дадовме на иновациите, на рачно изработените маски и имавме многу потешкотии да ги избереме најдобрите маски“, рече Анита Јовеска, член на жири комисијата.
Хана Ајровиќ е ученичка од ОУ „Пере Тошев“ од село Десово, општина Долнени и е добитничка на наградата за традиционална маска. Својата маска ја изработувала 20-тина дена.
„Маската ја креирав од природни материјали. Користев волница, пердуви од гулаб, кора од дрво. Три години учествувам и првпат добивам нагграда. Многу сум среќна и горда. На овој начин се одржуваат традициите“, рече ученичката Хана.
Мартин Тодоров е ученик во прилепското ОУ „Блаже Конески“ и ја доби наградата за иновативна маска. Не му е првпат да биде награден на карневалската изложба на маски.
„Мојата маска се вика „Паметното еже“ и е со порака дека цигарите се штетни и сите треба да внимаваме. Третпат учествувам. И досега сум бил наградуван. За маската употребив 2.500 филтри, волница, тутун, тутунарски конец. Ја изработував две недели, ми помогна мајка ми. Карневалот е многу битен за културата, за продолжување на традициите“, рече Мартин Тодоров.
Утре напладне, на платото кај Градскиот саат од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп ќе го презентираат традиционалниот обичај – амкање. Програмата ќе биде збогатена со весело шоу.
В недела, на Велики поклади – Прочка, напладне е централната манифестација и карневалската поворка на маските. Поворката со стотиците маскирани ќе тргне од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ па сè до плоштадот „Методија Андонов Ченто“, каде ќе бидат централните карневалски свечености. Пријавени се преку 600 учесници и ќе има над 25 групни маски кои ќе ја покажат имагинацијата на машкарите. Карневалската поворка, традиционално, ќе ја предводат „Мечкарите“, заштитната маска на Прилепскиот карневал и ќе биде збогатена со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања.
Стручното карневалско жири ќе ги избере најдобрите и најуспешни маски на годинашниов прилепски карневал, „Прочка 2025“.
Традиционалниот ручек и одбележувањето на „Чист понеделник“ заедно со здружението „Прилепски мечкари“ ќе биде на 3 март, в понеделник, во 12 часот на манастирот „Св. Ѓорѓија“ во селото Присад.