сабота, 27 јули 2024
Вело Марковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пријатели на Македонија – САД

Во следните неколку колумни, поединечно ќе опишам која држава ја гледам како пријател на Македонија. Со цел, моите колумни да бидат видени, покрај јавното објавување, линк од колумните ќе испраќам до амбасадите на САД, Русија, Турција, Израел и Србија, со замолница да бидат објавени во некој од медиумите во тие држави.

Во претходната колумна „Пријатели на Македонија“ ги изнесов моите согледувања на историскитe аспекти и причините за „осптрукција“ на современата македонска држава. По мене повеќевековна стратегија и градење на „нов светски поредок“ се причина за негирање на старите народи и вредности од постарите цивилизации. Во услови на совремната демократија и јакнење на улогата на Обединетите нации особено по Втората светска војна гледам пријатели, кои можат да ни помогнат. Велам пријатели, затоа што досегашната политика на еквидистанца која Македонија ја водеше се покажа како неесоодветна за мала држава која ако нема искрени пријатели ќе биде лесен плен на разни платформи и големодржавни претензии од соседите.

 

По распадот на Советскиот Сојуз во 1990 година САД остануваат единствена супер сила во светот. Соединетите Американски Држави сочинуваат околу 25% од светската економија и 30% од светското богатство. САД се наметнаа како водечка сила во образованието, во здравството, во информатичката технологија и иновациите, во индустријата, но и како водечка сила во филмската индустрија и силно влијание на развојот на нашата цивилизацијата со силен импакт во поимањето на демократијата. Претседателот Абрахам Линколн како исклучително правичен и борец за човекови права е инспирација  и мотивиација за постојана борба за отстварување на човековите права во современиот свет. Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон после револуцијата од 4 јули 1776 година ги поставија темелите на една држава која имаше силен раст и развој благодарение на цврстите темели. Силните лидери со вистинска визија базирана на правичност, рамноправност и слободен развој доведоа една релативно нова држава да стане светски лидер. Денес САД  се основач членка на: Обединетите нации (ОН), Организацијата на Северноатлантскиот договор, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Светската трговска организација. САД се постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Со своето силно влијание во политичките процеси во Светот, но и со силно делување преку уметноста, филмот и литературата на некој начин станаа држава која кажува што е добро а што лошо, кои се „лошите момци“ и заштитник на демократските процеси во светот.

Поради сето ова, а и поради фактот што САД како понова држава немаше влијание на процесите во Европа до Првата светска војна, а со самото тоа немаше негативно влијание кон Македонците и македонскиот народ и поделбата на Македонија од 1913 година, САД се со постојани симпатии во колективната меморија на македонскиот народ. Сосема природно беше по осмостојувањето во 1990 година Македонија да се надева на поддршка од САД. Затоа во периодот по осамостојувањето огромен беше процентот на „проамериканско расположение“ во Македонија. Очекувавме светскиот лидер да застане на страната на „добрите“ наспроти „лошите“, на страната на угнетените наспроти узурпаторите, на страната на историски обесправените наспроти тие со територијални претензии и големодржавни екстремни платформи. Нашите надежи дека САД ќе настапат заштитнички беа на некој начин романтичарски, како да очекувавме дека САД нема други грижи и приоритети, а единствен приоритет во надворешната политика им е Македонија. За, жал сето ова можеби беше причина да не градиме цврст самостоен внатрешен интегритет, како основ за пријателства со останатите земји. Детсвото на современата македонска држава го поминавме со многу потешкотии и со привремена референца, со која и САД не признаа формално во 1994 година. Дипломатски односи воспоставивме на 13 септември 1995 година, а прв амбасадор на САД во Македонија беше Кристофер Хил. Историјата покажа дека клучен момент на сите проблеми на Македонија и Босна и Херцеговина е декларацијата за признавање на Југословенските републики помеѓу САД и Европската заедница (Брисел 10.3. 1992). Со таа декларација за Македонија и БиХ е преземена обврска за „позитивно разгледување на барањата, во зависност од разрешувањата на другите прашања на ЕЗ„. Во БиХ започна војна веднаш по признавањето од ЕЗ (6.април 1992 година). Ако во тие преговори САД цврсто застанеа зад Македонија, слично како што застана Германија зад Хрватска и Словенија, секако дека ќе имавме еден прогресивен демократски развој. Вака кревката македонска дипломатија се најде во судир со дипломатијата на моќната ЕЗ. Всушност сите проблеми кои ги имаме во изминативе 34 години е поради надворешната политика на ЕЗ (денешната ЕУ) кон Македонија, а која ги фаворизира интересите на членките на ЕУ кои се наши соседи. Амбасадорот Хил даде голем придонес во зајакнувањето на пријателството помеѓу САД и Македонија и во периодот потоа тој пријателски однос се зајакнуваше и кулминираше со признавањето под уставното име во 2004 година. Но, доминираше сервилноста на нашите лидери кон големите сили и кон САД. Наместо јасно да кажат кои се нашите витални интереси, кои се интереси од кои можеме да отстапиме нашите лидери или немаа став или го менуваа ставот поради дневно политички интереси. САД едноставно не може да сфатат што всушност сакаме ние. Се чини дека ваквиот однос на нашите „лидери“ во многу им ги намалија преговарачките и заштитничките капацитети на САД кон ЕУ и нашите соседи, пред се Грција, што резултираше со голем дипломатски неуспех на САД и нашиот голем пријател Претседателот Буш во 2008 година, кога во Букурешт Грција стави вето за влегување на Македонија во НАТО. Разочарувањето и стравот за опстанокот на Македонија го амортизира Декларацијата за стратешка соработка помеѓу САД и Македонија од 7 мај 2008 година со која САД ја гарантираа безбедноста на Македонија иако не сме членка на НАТО. Следуваше период од десетина години кога нашите таканаречени лидери, наместо реално да ги погледнат состојбите, купуваа време, често користејќи се со итрини и ветувања или договорања за следните заеднички чекори со САД, за да потоа во интерес на дневната политика и печалење политички поени „си тераат своја политика“. Нешто што не чинеше многу скапо. Од една страна баравме поддршка од САД, од друга страна се правевме големи патриоти кои ништо не попуштаат. При тоа сите средби со дипломтите од САД се користеа за маркетиншко подигање на личниот рејтинг и постојано спинување во јавноста дека „тој и тој“ политичар е во блиски релации со американскиот амбасадор и дека всушност „американците стојат зад него“. На тој начин се создаде импресија дека  во македонското општетство сé се случува по желба на САД („ние сме мали, како ќе каже америка, така мора да биде“). Нашите политичари во изминативе 34 години, ниеднаш не ги кажаа јасно македонските црвени линии, ниеднаш јасно не им кажаа на нашите пријатели: „До овде можеме да преговараме, понатаму нема преговори и по цена да не влеземе во НАТО“.  Во македонската јавност се создаде верување дека всушност САД беа тие кои не натераа да го потпишеме Преспанскиот договор. Преспанскиот договор е етноциден за македонскиот народ, со него се брише цел еден народ и тој договор не смееше да се потпише, ги премина „најцрвените линии“ на македонските интереси. Во исто време почна да се намалува расположението и проамериканското расположение кај македонците почна да се намалува. Во тоа помогнаа и очигледни лични политики кои си ги тераа одредени амбасадори на САД кои обичниот граѓанин во Македонија ги гледаше како различни од званичната политика на САД. Соочени со губење на својот идентитет, со хуманитарната катастрофа која ни се случува во периодов и останување без документи за идентификација, со заканите за бришење и на македонскиот јазик како услов за влегување во ЕУ, сметам дека во многу ќе си помогнеме самите и на нашите стратешки пријатели САД, ако јасно ги кажеме нашите ставови: „САД, Ви благодариме што не дозволивте да се распадне Македонија и да се раздели на соседите, особено со војната во 2001 година. САД, Ви благодариме што вложивте огромни средства за развојот на демократските односи и судскиот систем. Ви благодариме за влезот во НАТО. Ви благодариме што нашата држава е сега безбедна и нема да дозволите да биде предмет на некакви нови поделби. Но, САД нас уште поважно од опстојувањето на државата ни е опстанувањето на македонскиот народ и македонската нација. И по цена да не влеземе во ЕУ, ние нема да прифатиме менување на македонскиот идентитет. Ве молиме не застанувајте зад политичари чиј единствен квалите им е полтронскиот однос кон САД, спремноста се да направат за да дојдат до власт. И вие сте сведоци дека ваквите луѓе се „неспособни“, се користат со многу недемократски средства злоупотребувајќи ја моќта која им ја дава функцијата.“ Сведоци сме дека ваквите политичари доведоа да има помалку од 2 % доверба во судскиот систем, постојано паѓаме на скалите за демократски односи, медиумското претставување, човековите права. На Македонија и требаат способни луѓе кои си ја сакаат татковината. На тој начин Македонија ќе стане побогата, посакана и подемократка држава. Силна Макеоднија и треба на САД. Силна Македонија ќе биде успех на Вашата демократија. Распадната, сиромашна Македонија ќе биде голем неуспех на диломатијата на САД. Ќе биде пример, како една мала држава, еден мал народ полн со надеж дека ќе биде заштитен од светскиот лидер, станал територија без народ. Ова сигурно ќе биде употребено во антиамериканска кампања. Немојте да давате изјави од типот, „САД ќе бидат многу несреќни ако не се смени уставот“. Чиј е овој став, на републиканците или демократите. Сигурен сум дека во американското демократско општество сеуште силно лебди духот на Томас Џеферсон и Абрахам Линколн, и тој дух се бори за заштита на малите народи и демократските односи во светот.

                           Вело Марковски,

                                             кандидат за претседател на Македонија

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ