сабота, 27 јули 2024

Претставникот на меѓународната заедница наметна технички измени на изборниот закон на БиХ

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денес наметна технички измени на изборниот закон на БиХ, кои се однесуваат на интегритетот на изборниот процес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шмит наведе дека станува збор за „пакет на интегритет“ на изборниот процес, кој подоцна може да биде доработуван во парламентот на БиХ, истакнувајќи дека станува збор за техничко унапредување на изборниот процес, кој воведува скенирање на гласачките ливчиња и видео надзор.

Неговите одлуки подразбираат и кривични мерки за оние кои ги кршат изборните правила, како и професионализација на гласачките одбори.

„Тоа е поддршка на процесот за пристапување на БиХ во Европската Унија, еден од тие приоритети се измените на изборниот закон, пред сè тоа го правам за граѓаните на оваа земја, за да постојат гаранции за слободни, демократски и фер избори“, кажа Шмит во своето обраќање до јавноста.

Кажа дека таа одлука ја носи во согласност со „бонските овластувања“ и Дејтонскиот мировен договор, истакнувајќи дека измените на изборниот закон во себе не содржат дискриминација против кого било.

„Со моите компетенции, јас сум гарант на постоењето на Федерацијата БиХ и Република Српска и тоа е моја должност во согласност со Дејтонскиот договор. Морам да работам за сите нив“, кажа Шмит.

Според него, станува збор за јасни меѓународни насоки, кои даваат доволно можност за одговорните домашни органи да се вклучат во ова и да се постигне соодветен баланс во интерес на гласачите.

Наведувајќи дека од 2010 година се разговара за измените на изборниот закон на БиХ, тој истакна дека до денес не е постигнат компромис по ова прашање и дека во интерес на граѓаните на БиХ морал да интервенира, за да имаат потранспарентни и почесни избори.

Шмит оцени дека, покрај претседателот на РС Милорад Додик, ќе има доста политичари кои ќе ја критикуваат неговата одлука, поради што ги повика самите да постигнат договор за изборниот закон и да го усвојат во парламентот на БиХ.

„Домашните решенија се најдобри решенија“, порача претставникот на меѓународната заедница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ