недела, 3 март 2024

Претставници на УНЕСКО пристигнаа во Охрид за да видат каква е ситуацијата со био-резерватот Охридско Езеро

Објавено на

часот

Сподели

Декларираните заложби за заштита на Охридското Езеро повторно на тест. На самото крајбрежје на езерото на албанската страна кај селото Тушемиште се изведуваат градежни активности со истурање бетон во водата, пишува МИА.

Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и овојпат укажа на недозволени градежни активности во самиот биолошки резерват заштитен од УНЕСКО.

„Уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот регион, дека уништувањето продолжува со несмалено темпо, и од другата страна на границата. Иако тој дел е само четири години на листата Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел“, потенцираат од „Охрид SOS“.

Истовремено, во Студенчишкиот канал повторно е забележано загадување на водата, предизвикано од човечки фактор. На површината на водата се појави мрсна дамка, од непознато потекло. Според информациите од надлежните, вчера попладнето извршен е вонреден инспекциски увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, изготвена е фото-документација, а согласно регулативата ќе се покрене соодветна постапка.

За да видат каква е ситуацијата со био-резерватот Охридско Езеро во земјава престојуваат претставници на Секретаријатот на Бернската конвенција во делот на заштита на природното наследство, на Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење (Рамсарска Конвенција) и на УНЕСКО.

Тие денеска ќе имаат средби со претставници на Општина Охрид, а предвидено е да ги посетат уште Националниот парк „Галичица“, Општина Струга, како и теренски посети на Студенчишко Блато, областа кај Свети Наум и крајбрежјето на Охридското Езеро.

Експертите од УНЕСКО и Бернската конвенција вчера имаа средба и со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Таа по средбата изрази очекување дека гостите ќе дадат реална оценка за ситуацијата на терен, како и препораки за одржливо управување.

Фото: ФБ „Охрид SOS“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ