сабота, 27 јули 2024

Претставници на САД, ЕУ, Франција, Германија и Италија во посета на Белград и Приштина

Претставници на Соединетите Американски Држави, Европската Унија, Германија, Франција и Италија ќе ги посетат денес Приштина и Белград, со цел оживување на дијалогот и поттикнување на двете страни значително посериозно да се ангажираат на примената на Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија.

Објавено на

часот

Сподели

Во делегацијата се специјалните претставници на САД и ЕУ за Западен Балкан, Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак, надворешнополитичките советници на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер, и дипломатскиот советник на премиерката на Италија Алесандро Катане.

Тие прво во Приштина ќе разговараат со косовскиот премиер Аљбин Курти, а потоа во Белград со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Кабинетот на Вучиќ најави дека по состанокот, кој почнува во 14.30, ќе проследи соопштението за разговорот со претставниците на „големата петка“.

Речиси истата петка, со различен претставник на Италија, беше во Приштина и Белград и во јануари оваа година, еден месец пред Вучиќ и Курти да се согласат во Брисел со Договорот за патот кон нормализација, познат како француско-германски план бидејќи го формулираа Бон и Плетнер.

„Големата петка“, која беше гарант на тој договор за чија примена Вучиќ и Курти постигнаа согласност на 18 март во Охрид, доаѓа со цел да го спаси, бидејќи најновите случувања ја доведоа во прашање неговата реализација.

Петката доаѓа во Приштина и Белград во ек на тензии во односите на двете страни поради оружениот судир на група Срби и косовската полиција во селото Бањска, на северот на Косово, на 24 септември. Тогаш од експлозија загина косовски полицаец, а потоа беа убиени тројца Срби.

Дипломатски извори наведуваат дека западната петка од Белград ќе бара недвосмислено да ја осуди акцијата на Србите во Бањска и да соработува во истрагата за целосно расветлување на позадината на инцидентот.

Петката во Приштина ќе бара организирање нови локални избори во четирите општини на северот на Косово, на кои овој пат би учествувале Србите, како и почеток на процесот на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО), на што косовската влада се обврза уште во 2013 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ