Против беа 14, а 243 пратеници гласаа за законот кој би го санкционирал секој странец кој истражува, апси, притвора или кривично гони државјани на САД или државјани на сојузничка земја, вклучувајќи го Израел, кои не се членови на МКС.
Четириесет и пет демократи им се придружија на 198 републиканци во поддршката. Ниту еден републиканец не гласаше против.
Меѓународниот кривичен суд издаде во ноември налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, како и за лидерот на Хамас Ибрахим ал Масри поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во израелската војна во Појасот Газа.
Израел ги критикуваше налозите за апсење за Нетанјаху и поранешниот шеф на одбраната Јоав Галант, наведувајќи дека дејствувал во самоодбрана по упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023.
Претставничкиот дом го донесе законот „бидејќи судот бара да е уапси премиерот на нашиот голем сојузник, Израел“, кажа претставникот Брајан Маст, републиканскиот претседавач на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
Гласањето, едно од првите откако новиот Конгрес почна да заседава минатата недела, ја истакнува силната поддршка на републиканците на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на израелската влада. Републиканците сега ги контролираат двата дома на Конгресот.
Трамп на 20 јануари ќе положи заклетва за втор претседателски мандат.
Новоименуваниот лидер на републиканското мнозинство во Сенатот Џон Туне вети брзо разгледување на законот во тој дом, за Трамп да може да го потпише законот набрзо по преземањето на должноста.
МКС е постојан суд кој може да процесира поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и злосторства на агресија во државите членки или од страна на нивни државјани.