петок, 26 јули 2024

Претседателските кандидати сакаат дебата, ама не сите на иста маса

Дел од кандидатите за претседател бегаат од соочување на иста маса како ѓавол од крст и секој со различна причина. Извори на МКД.мк и од медиумите и од партиите велат дека некои од нив не сакале да седнат со еден или двајца од противкандидатите, другите одбивале со причина дека соочување со седум кандидати би била долга дебата на која не би можеле поддеднакво да се претстават. Дел сметаат дека ако сите седнат на иста маса некои од кандидатите би можеле да ја „спуштат“ дебата на ниско ниво. Имало и такви изговори дека тоа не е можно поради рамазанските пости што беа во тек. Засега само претседателските кандидати на ДУИ, Бујар Османи и на коалицијата Вреди, Арбен Таравари на ТВ 21 седнаа на соочување, но еден на еден, а не со сите седум кандидати.

Објавено на

часот

Сподели

Во трка за шестиот претседателски мандат се „тркаат“ седум кандидати и тоа, Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Сиљановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска поддржана од Левица, Арбен Таравари поддржан од коалицијата Вреди и Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ. На две недели до првиот изборен круг никој не знае да каже дали седумтте претседателски кандидати ќе седнат на заедничка маса за да се соочат и да одговорат на најгорливите прашања од јавен интерес.

Мастер дебатата пропадна, не сите сакаат да седнат на иста маса со секого

Дека граѓаните ќе немаат можност да ги видат сите заедно на иста маса на предизборно соочување седуминатта претседателски кандидати, стана јасно кога на почетокот на овој месец од штабот на претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски информираа дека во мирување е неговиот предлог за одржување на мастер–дебата на сите претседателски кандидати. Образложението беше дека „нема ниту политички, ни медиумски одржливи околности за ваков тип на дебата“.

Тоа го потврдува и главниот и одговорен уредник на вестите на телевизија Алфа, Никола Крстиќ, кој вели дека телевизијата била подготвена да учествува на мастер дебатата.

„Бевме подготвени да учествуваме ама дел од медиумите се повлекоа, по што целиот концепт веќе немаше смисла“, вели Крстиќ.

Мастер дебатата беше замислена да се одржи на неутрален терен со неутрални модератори на која секој од кандидатите ќе можеше да ги презентира своите програми и изборни ветувања. Иако од штабот на Пендаровски не прецизираа кои се причините за пропаѓањето на идејата, сепак неофицијално најголем камен на сопнување биле кандидатот на Гром и коалицијата, Стевчо Јакимовски и кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, поради нејзиниот начин на изразување на ставовите.

Токму од изборните штабови на овие две партии за МКД.мк изјавија дека досега ги прифатиле сите покани за соочување, но дека немало волја кај останатите кандидати.

„Невозомжно е да има таков тип на соочување кога нема волја кај другите кандидати да се седне на иста маса. Ние од старт ги прифтивме сите покани во сите формати, како што ја прифативме и поканата за мастер дебатата. Ја прифативме и поканата од МТВ за која знаеме дека се чека одговор од неколку од другите претседателски кандидати“, вели во изјава за МКД.мк, раководителот на Изборниот штаб на Јакимовски, Александар Трајановски.

И портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ вели дека веднаш ја прифтиле поканата за мастер дебатата што ја предложи Пендаровски, но и дека единствената конкретна понуда за ваков тип соочување ја добиле, не од некој од медиумите, туку од Студентското собрание на УКИМ.

„Ова е поразително за демократијата. Тоа што во минатото лидерите на партиите понекогаш избегнуваа дуели, сега меѓу кандидатите стана правило во политиката. Ние добивме тенденциозна покана од МТВ и решивме да не учествуваме ако на соочувањето не дојдат кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Мециновиќ.

Медиумите подготвени за организација, кандидатите не сакаат реализација

Македонската радио телевизија (МТВ) упати покана до сите претседателски кандидати за предизборно соочување и чека одговор од истите, вели главниот и одговорен уредник на информативната програма, Стојан Трпчевски за некогаш вообичаените дебати помеѓу претседателските кандидати.

Другите медиуми пак, иако подготвени за организирање на дебата на која на иста маса ќе седнат сите седуммина кандидати за претседател, сепак се одлучиле на поинаков пристап во претставувањето на кандидатите.

ТВ 24 се обиде да организира дебата на која на иста маса би седнале сите седум претседателски кандидати, но организацијата тешко одеше, вели главната и одговорна уредничка на телевизијата, Мирјана Трпческа.

„На таквата дебата или треба да бидат присутни сите кандидати или никој. Бидејќи тоа тешко одеше одлучивме во посебно подготвена емисија секој кандидат одделно да одговара на идентично подготвени четири прашања што се од најголем јавен интерес“, вели Трпческа.

Со слични проблеми се соочиле и во ТВ 21, иако тие успеаја да ги седнат на иста маса претседателските кандидати на ДУИ, Бујар Османи и на коалицијата Вреди, Арбен Таравари, но еден на еден, а не со сите седум кандидати.

„Организирањето на сите кандидати во исто време и на исто место одеше многу тешко, па затоа одлучивме дека ќе биде најдобро секому да му отстапиме истоветен простор во нашите интервјуа. Со оглед на тоа што телевизијата повеќе е насочена кон албанската публика, ние веќе организиравме соочување помеѓу кандидатот на ДУИ, Бујар Османи и кандидатот на Вреди, Арбен Таравари. И двајцата кандидати поканата ја прифатија веднаш, без никаков проблем“, велат од ТВ 21.

Од телевизија Канал 5 велат дека претставувањето на претседателските кандидати го прават преку нивната веќе добро востановена емисија „Само интервју“, а ќе организираат соочување со двајцата претседателски кандидати кои ќе влезат во вториот круг.

Телевизија Алсат пак нема таков проблем бидејќи тие и немаат класичен формат на емисии кои се потребни за да организираат таква соочување, но сепак и договорањето на интервјуата низ кои ги претставуваат кандидатите за претседател тешко им оди.

„Ние веќе немаме емисии од тој формат, па затоа претставувањето на претседателските кандидати оди преку нашите интервјуа во вестите, но дури и организирањето и реализирањето на интервјуата тешко се менаџира“, вели главниот и одговорен уредник Адмир Ќосе.

И обидот на телевизија Телма да организира соочување на претседателските кандидати пропадна откако неколкукумина претседателски кандидати ја одбија поканата на телевизијата.

„Дебата на ТВ Телма нема да има, бидејќи не е постигнат условот од најмалку 5 кандидати. По одбивањето дебата од страна на кандидатот Стево Пендаровски, немаме согласност за учество на дебата и од кандидатот Бујар Османи. Претходно заради кампања во дијаспората, учество во дебата откажа и кандидатот Арбен Таравари. Кандидатот за претседател, поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски ја одби поканата, со објаснување дека ,сака да го задржи принципот на еднаков пристап кон сите медиуми вклучително и медиумите кои не беа во можност да ги реализираат нивните предвидени дебати поради неуспехот да се организира мастер дебата во која би учестувавале сите седум кандати потврдени за кандидати за претседател без никаква селекција,“, објавија на официјалната фејсбук страна на емисијата Топ Тема.

Од изборниот штаб на Пендаровски велат дека тој, како кандидат за претседател во секое време прифаќа да има политички дебати со противкандидатите, но инсистира во нив да бидат вклучени сите седум претседателски кандидати потврдени од Државната изборна комисија.

„Токму затоа, прв предложив да се одржат 2 големи, таканаречени мастер дебати, една на почетокот на кампањата и една пред првиот круг на гласање. Дебатите беше планирано да се реализираат на неутрален терен, а пренос од истите да вршат сите национални телевизии. На дебатите седумтемина кандидати ќе имаа подеднакви услови да ја презентираат својата програма за работа. Досега, во поканите кои ги добивме од медиумите за учество на тв дебата, немав добиено информација дека сите седум кандидати ќе бидат учесници на некоја од предвидените дебати“, информираат од изборниот штаб на Пендаровски.

Од изборниот штаб на Таравари пак, велат дека нив не им е проблем да седнат на иста маса со кого било.

„Ние сме подготвени да се соочиме со сите како што го направивме тоа со кандидатот на ДУИ, Бујар Османи особено што нашиот кандидат Таравари цели кон влез во вториот круг од претседателските избори, па така цели и кон гласовите на македонските граѓани. На таква дебата тој ќе може да го покаже својот интегритет и заложба дека ќе биде претседател на сите граѓани“, вели Башким Бакиу од изборниот штаб на Таравари.

Првиот круг од претседателските избори е закажан за 24 април, а ако има потреба од втор круг тој ќе се одржи на 8 мај. И двата дена се прогласени за неработни за да може граѓаните непречено да го остварат своето право на глас.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ