сабота, 27 јули 2024

Претседателските кандидати, освен Јакимовски, го потпишаа Кодексот за фер избори

Кандидатите за претседател на државата, освен Стевчо Јакимовски денеска во Државната изборна комисија го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Објавено на

часот

Сподели

Стево Пендаровски изрази уверување дека имаме доволно институционална меморија како држава и доволно политичка култура меѓу сите кандидатите да го одржат нивото на дебата и целиот процес да биде фер и демократски.

„Уверен сум дека имаме доволно политичка култура, пред сé ние како кандидати, да го одржиме нивото на дебатата и се разбира и мислам дека во целина ќе докажеме како држава уште еднаш дека сме подготвени овој процес да го извлечеме на највисоко можно ниво, односно на просечно европско или светско ниво, бидејќи ова е иницијален чин во државата. Ако не сме подготвени како држава тоа да го направиме на највисоко можно ниво со почитување на сите меѓународни стандарди за изборниот процес, за понатамошните фази во практикување на политиката, не треба ни да разговараме“ порача Пендаровски во кусото обраќање при потпишувањето на Кодексот.

Пендаровски изрази уверување дека целиот процес ќе биде демократски, а дека тој лично како и претходно, во кампањата ќе се води исклучиво од начелата на Кодексот.

„Уверен сум дека процесот ќе биде демократски. Како што покажав и минатиот пат, од почеток до крај ќе бидам во рамките на она што се нарекува коректна, културна, децентна политичка дебата“, додаде Пендаровски.

Гордана Силјановска Давкова потпишувањето на кодексот го оцени како церемонијален чин и нормативен и морален илузионизам, но посочи дека лично таа ќе говори со аргументи и програма и ќе ги почитува сите кандидати.

„Ако се држите до Кодексот за фер и демократски избори од аспект на петта алинеја кога се работи за кандидати со висок статус во државата, проблем е што тие тој статус можат да го (зло)употребат бидејќи одлучуваат за многу прашања врзани за, не само за вработени од нив и кај нив, туку и за (зло)употребата на државните ресурси. Во таа насока има многу демократски држави во рамките на самите државни изборни комисии, кои многу често се професионални институции, има едно посебни тело кое ги следи изборите низ призма на однесувањето на кандидатите и тоа го нотира во извештајот.
Ниту минатиот пат ниту сега нема да посегам по ad hominem однос, ќе говорам со аргументи за програмата и ќе ги почитувам сите кандидати, а посебно противкандидатката. Добро е што сме две, зашто тоа е веќе исчекор и гаранција за ноторниот факт дека и женските права се човекови права и дека се разбира, жените исто така може да се натпреваруваат за високи државни позиции“, рече Силјановска Давкова.

Стевчо Јакимовски рече дека Кодексот ќе го почитува, но нема да го потпише доколку ДИК не гарантираат дека ќе организира дебати, посочувајќи дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средставата за кампања не биле рамноправно поделени.

„За жал, ние сме сведоци дека одредени кандидати се фаворизираат и токму главната причина зошто треба да го потпишеме овој Кодекс, е да не ги користиме државните ресурси. Користењето на државните ресурси зборува дека првите двајца кандидати да
земат по 975.000 евра за реклама, нивните коалициони партнери по 450.000 евра, а ние само 126.000 евра, додека кандидатот Димитриевски дури и уште помалку. Тоа значи дека секој потпис што ние сме го собрале вреди 12,6 евра, а нивниот потпис вреди 97,5 евра. И покрај таквата нерамноправна презентација во медиумите кадешто
сериозно не ограничува да можеме да ги вклучиме сите наши можности, дојдовме до едно фрапантно сознание дека се откажува и мастер-дебатата. Ако сме октроирани во делот на средствата со коишто треба да се презентираме, ако сме октроирани во делот на билбордите, и ако сме октроирани во делот на дебатите, тогаш какви се овие демократски избори и зарем можеме да зборуваме за слободни, фер и демократски избори, напротив зборуваме за заробени избори, за заробена држава, за немање на
капацитет да се организираат фер и демократски избори. И навистина, не е ли чудно, на локалните избори токму јас имав нула денари за реклами, но имаше три дебати. Има ли логика за избор на градоначалник да има три дебати, а за претседател на држава каде се зборува за важни државни работи, како во земјата така и надвор, кога треба да бираме врховен командант на вооружените сили, којшто има сериозни влијанија во Уставниот суд, во Судскиот совет, значи и врз судскиот систем, врз гувернерот на Народна банка, врз монетарно-кредитните власти и ние да останеме без било какво соочување на мислење и без можност граѓаните отприлика да просудат кој е тој што
во наредните пет години треба да ја води Република Македонија“, рече Јакимовски ио нагласи дека ќе го почитува кодексот.

Бујар Османи рече дека ќе се залага за позитивна кампања, порачувајќи дека повеќе станува политички морал и даден збор пред граѓаните дека ќе пристапат корекрно кон овие важни за нашата држава избори.

„Никогаш во животот не сум користел некоректен пристап кон кој било во политичката трка, ниту пак сум користел црна кампања во оваа трка. Ја разбирам политичката трка како трка на алтернативни понуди што треба во текот на изборната кампања да им ги пружиме на граѓаните и после тие да одлучуваат врз основа на квалитетот на понудата и на тоа што тие нудат. Ветувам дека оваа изборна кампања ќе биде трка на алтернативни понуди и ќе дискутираме за идеи, за проекти, за визии, а не ад хоминем како што рече еден од нашите колеги овде. Уште еднаш ветувам и ги уверувам сите граѓани дека во моите можности мојата кампања ќе биде позитивна, коректна, конструктивна и во ниту еден начин нема да газам ниту еден закон или правило што го одредило ДИК или што е спротивно во етиката“, рече Османи.

Билјана Ванковска, нагласи дека Кодексот ќе го потпише, но не верува во ништо од ова, како што рече, празно парче хартија и побара телевизиите да организираат дебати со сите претседателски кандидати.

„Имавме можност и да кажеме некој збор и поентата која ја нагласив е дека е тоа само протокол во кој сите ние се очекува да бидеме фини и коректни едни спрема други, но во држава во која не се почитува ни Устав ни закон, овој документ е само празно слово на хартија. За учесници на изборниот процес не може да се сметаат само претседателските кандидати, туку и институциите кои не’ дискриминираат, фаворизираат едни на сметка на други, и ни го ускратуваат правото на еднаквост во медиумското претставување. Кажав и некој збор за противкандидатите кои веќе си прават свои црни листи, кој со кого сака или не сака да дебатира, а најглавно од се’ тие се одамна во кампања (дури и со сменети кавер фотографии на ФБ) уште пред да почне кампањата.Јас ќе го почитувам мојот личен морален кодекс и ќе се однесувам со дигнитет не заради некое парче хартија туку заради мојот сопствен морален компас“, изјави Ванковска.

Арбен Таравари изрази надеж дека овие избори ќе бидат најфер и најдемократски избори досега.

„Денеска потпишав дека ќе имаме фер и демократски избори кои се минимална обврска што ја имаме кон нашите граѓани и сите наши меѓународни партнери. Потпишувањето на Кодексот го ценам како добар акт каде сите ние ќе ветуваме дека ќе се придружуваме на етичкиот и моралниот аспект и норми кои се и не се во законот. Мислам дека уште сме многу далеку од тоа што целиме да бидеме – да организираме избори како во европските држави, но и сме многу подобро од тоа што кога ги организиравме пред 20-30 години. Се надевам дека во текот на кампањата ќе имаме дебати без оглед кој ги организира. Мислам дека тоа е неизбежно и треба да се соочуваме во различни дебати каде секој од нас ќе ја презентира својата програма пред граѓаните. Верувам дека ќе дебатираме таму каде што ќе ни се даде можност“, рече Таравари.

Максим Димитриевски рече дека ќе ги прифати сите јавни настапи со сите претседателски кандидати и посака на овие двојни избори да победи демократијата.

„Сметам дека ние денеска потпишуваме форма, а не суштина, бидејќи истата ова форма која ја потпишуваме уште однапред без разлика што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана во целост. Искрено жалам што многу хипокризија почувствував во одредени излагања, особено во делот на став 4 и за истата да се елиминира ДИК може и има таква надлежност да влезе во потписите кои беа евидентирани за нас како поддршка да направи суштинска анализа колкав број на луѓе вработени во јавна и државна администрација се потпишале за нас како кандидати и со ова сомнежот да биде отфрлен во целост, но притоа вклучувајќи ги и потписите на почитуваната професорка Давкова. Што се однесува до јавните настапи, како кандидат ќе ги прифатам сите јавни настапи каде што ќе бидам поканет, без разлика кој и да ги организира. Ќе ми биде чест и задоволство, особено да дискутирам на сите теми отворено пред македонската јавност со двата најфаворизирани противкандидати, за кои што бевме сведоци во изминатите неколку месеци како ги слушаме различните анализи, сондажи со кои се креираше а не анализирање јавното мнение. Факт е дека немаме сите еднакви права и можности, иако со Уставот тоа е загарантирано“, рече Димитриевски.

Содржината на Кодексот ја прочита потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, која нагласи дека ќе се залагаат сите учесници да ги почитуваат сите закони, нема да користат говор на омраза и за спроведување на успешно фер и демократски на изборите.

„Ние учесниците во изборниот процес се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи кои се релевантни на изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите. Ние учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната администрација и државната администрација во другите институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговските друштва и претпријатијата со државен капитал“, се вели во Кодексот.

Во дел од него се наведува дека учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваат дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат дискриминација и омаловажување врз основа на пол.

„Ние, учесниците во изборниот процес исто така недвосмислено се обврзуваме дека ниту едно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или не поддржување на која било политичка партија или кандидат“, се вели во документот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ