сабота, 27 јули 2024

Претседателот на унгарскиот парламент: Нема да брзаме да ја пуштиме Шведска во НАТО

Претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ковер денеска изјави дека нема итност во одобрувањето на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, откако Турција ја остави само Унгарија како земја која ја попречува ратификацијата на Шведска, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Генералното собрание на Турција, во кое владејачката алијанса на претседателот Таип Ердоган има мнозинство, гласаше со 287 гласа за одобрување на барањето, за првпат поднесено од Шведска во 2022 година, во обид да ја зајакне својата безбедност како одговор на руската инвазија на Украина.

За пристапувањето на Шведска потребно е официјално одобрение од сите земји-членки, вклучително и Унгарија, но одобрението на Турција се сметаше за најголема преостаната пречка.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој одржува добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и покрај војната во Украина, вчера изјави дека во првата можна прилика ќе ги повика пратениците да го одобрат приемот на Шведска.

Унгарскиот парламент во моментов не заседава. Опозициската Социјалистичка партија минатата недела најави дека ќе побара вонредна седница за одобрување на кандидатурата на Шведска за влез во НАТО, чија ратификација во унгарскиот парламент се одложува со месеци.

„Не се сомневам дека една од опозициските партии, кои постојано одат против унгарските интереси, ќе повика на вонредна седница, но веројатно нема да успее“, рече Ласло Ковер, претседател на парламентот и член на владејачката партија на Орбан Фидес.

„Не чувствувам некоја посебна итност. Освен тоа, мислам дека нема вонредна ситуација“, рече Ковер.

Вчера генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара од премиерот Орбан да го ратификува приемот на Шведска во НАТО.

Шведскиот министер за надворешни работи денеска изјави дека претпоставува дека Унгарија е свесна дека претходно кажала дека нема да биде последната земја-членка на НАТО што ќе го ратификува барањето на Шведска за приклучување кон одбранбената алијанса, пишува весникот „Афтонбладет“.

„Претпоставувам дека унгарската страна е свесна за ветувањата дадени на надворешниот свет. Дека не треба да бидете последните што ќе ја ратификуваат Шведска“, го цитира дневникот министерот за надворешни работи Тобијас Билстром.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ