понеделник, 21 октомври 2024

Претседателот на Полска: Им простивме на Германците, но не ги заборавивме воените злосторства, очекуваме отштета

На 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна со нападот на Германија во мугрите на 1 септември 1939 година врз полскиот град Вјелуњ и полскиот гарнизон во Гдањск, претседателот на Полска Анджеј Дуда рече дека Полјаците им простиле на Германците, но не заборавиле и очекуваат компензација за уништувањето и злосторствата на Хитлерова Германија над Полјаците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Едно е простувањето и признавањето вина, а друго обештетувањето. И тоа прашање сè уште не е затворено. Длабоко верувам дека ќе се реши, бидејќи никој никогаш не се откажал од очекувањето дека, ако некој дојде и ни уништи нешто е должен тоа и да го плати“, изјави полскиот претседател во Вјелуњ.

Централната комеморација на 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна започна во 4 часот и 40 минути во Вјелуњ, првиот полски град што беше бомбардиран, а пет минути подоцна на полуостровот Вестерплате во Гдањск, каде првата салва од германскиот воен брод Шлезвиг-Холштајн на полскиот гарнизон на тој полуостров на Балтикот ја започна Втората светска војна.

„Зборуваме никогаш повеќе војна. Никогаш повеќе светот да не се согласи на војна. И тогаш имаше согласност. Хитлер се осмели поради оваа согласност. Тој сфати дека светот не реагира кога ја анектираше Австрија, ја распарчи Чехословачка и порано го започна истребувањето на Евреите во Германија“, потсети претседателот Дуда.

Церемонијата на Вестерплате во Гдањск започна со звукот на ѕвоното Мир и помирување, во црквата Света Катерина и сирените пред споменикот на хероите, неколку полски војници кои цела недела го бранеа полуостровот со таква посветеност и храброст што германскиот командант на полскиот командант по предавањето од почит му оставил да ја носи сабјата.

„Не е доволно да се зборува за помирување, не е доволно да се наведнуваат главите во чувство на вина за оние кои ја нападнаа Полска и ја предизвикаа Втората светска војна. Денес главен доказ дека таа лекција е разбрана е целосната посветеност на одбраната, подготвеност да се организира западот на Европа, НАТО во одбрана од агресијата на која сме сведоци на боиштата на Украина“, изјави полскиот премиер Доналд Туск на Вестерплате.

Главните лекции за Полска на 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна се, според зборовите на полскиот премиер се: никогаш повеќе осаменост без сојузници и никогаш повеќе слабост.

„Денес не велиме никогаш повеќе војна. Денес мораме да кажеме никогаш повеќе осаменост. Во историјата веќе не може да биде случај Полска да стои сама против агресијата на овој или оној сосед. Мораме да кажеме гласно и никогаш повеќе слабост. Затоа ја создаваме најмодерната армија во Европа, една од најсилните во Европа, за повеќе да не ја ставаме на ризик нашата татковина“, рече Доналд Туск.

Оваа недела полската влада го усвои буџетот за следната година, во кој за одбрана, модернизација и зајакнување на полската армија беа издвоени рекордни 4,7 отсто од БДП, највисок во НАТО, што дел од германските медиуми го коментираа прашувајќи дали Полска повеќе не смета на колективната одбрана на НАТО и ја зајакнува својата армија како повторно да е осамена и без сојузници.

Во Втората светска војна, според извештајот на претходната полска конзервативна влада за барање репарации од Германија, животот го загубиле околу шест милиони полски граѓани, од кои повеќе од половина биле полски Евреи.

Материјалното уништување било најголемо во Варшава и според проценките од вкупната сметка од 12 милијарди евра за претворање на полските градови во урнатини на Хитлеровата Германија, 8,5 милијарди евра од буџетот припаѓаат на Варшава.

Штетите во патниот сообраќај се проценети на 6,9 милијарди евра, во железницата на 16 милијарди евра, а штетите во земјоделството достигнаа 12,6 милијарди евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ