среда, 15 јануари 2025

Претседателот на грчкиот парламент предложен за претседател на Републиката

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска предложи за претседател на Републиката да биде избран претседателот на Собранието Константинос Тасулас, од неговата конзервативна партија Нова демократија (НД), функција што во суштина е церемонијална.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ако така одлучи Собранието, кое го избира шефот на државата, Тасулас ќе ја наследи претседателката Катерина Сакеларопулу, чиј петгодишен мандат истекува кон средината на март.

Сакеларопулу (68), првата жена на чело на грчката држава, беше избрана во 2020 година со големо мнозинство од пратениците од десницата и од левицата.

Мицотакис го образложи предлогот за Тасулас, велејќи дека тој бил нашироко прифатен, што го покажува и фактот што трипати бил избиран за претседател на Собранието.

Тасулас (65), по професија правник, беше заменик-министер за одбрана од 2007 до 2009 година и министер за култура и спорт од 2014 до 2015 година, во екот на грчката финансиска криза, а претседател на Собранието е од 2019 година, кога Мицотакис дојде на власт.

Првиот круг од гласањето на пратениците за новиот шеф на државата е закажан за 25 јануари.

Во првиот круг на гласање и во вториот круг доколку е потребно, кандидатот мора да добие мнозинство од најмалку 200 гласа од 300 пратеници. Доколку не се достигне таа бројка, тој мора да собере 180 гласа во третиот круг, а во четвртиот е потребно само просто мнозинство од 151 глас.

Владејачката Неа демократиа има 156 пратеници, потоа е левичарската партија ПАСОК со 31 и популистичката Сириза со 26 пратеници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ