петок, 19 април 2024

Претседателот на Филипините воведува контрамерки против Кина поради нападот: „Нема да молчиме“

„Филипините ќе спроведат пропорционални и разумни контрамерки против нелегалните, принудните, агресивните и опасни напади на кинеската крајбрежна стража и поморската милиција во Јужното Кинеско Море“, рече филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Џуниор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не бараме конфликт со ниту една нација, особено со земји кои ни се претставуваат и тврдат дека се наши пријатели, но никој нема да нè принуди да молчиме, да се потчинуваме или да се покоруваме“, напиша Маркос на Фејсбук.

Тој не прецизираше што ќе вклучуваат тие контрамерки.

Во последниве години, Филипините повеќе пати го критикуваа агресивното однесување на кинеската крајбрежна стража и рибарските бродови во спорната област во ексклузивната економска зона на Филипините.

Последниот инцидент се случи минатата недела, кога Кина употреби водени топови за да попречи филипинска мисија за снабдување на војниците во Вториот Томасов гребен.

Таму војници чуваат воен брод кој намерно бил насукан на гребенот пред 25 години.

Кина, која го присвојува речиси целото Јужно Кинеско Море, ги обвини Филипините за навлегување на нивна територија и рече дека ги презела неопходните мерки против бродовите.

Кина во понеделникот ги предупреди Филипините да постапуваат внимателно и да бараат дијалог, велејќи дека нивните односи се на „пресвртница“ бидејќи судирите меѓу нивните крајбрежни стражи поради поморските барања ги влошува тензиите.

Маркос рече дека се сретнал со своите претставници од одбраната и безбедноста и дека е во комуникација со „пријателите од меѓународната заедница“.

„Тие ни понудија помош во врска со она што им е потребно на Филипините за да го заштитат и обезбедат својот суверенитет, суверените права и јурисдикцијата, истовремено обезбедувајќи мир и стабилност во Индо-Пацификот“, рече Маркос.

Влошувањето на односите со Кина доаѓа додека Маркос се обидува да ги продлабочи одбранбените врски со САД.

Тој го засили пристапот на САД до филипинските воени бази, а заедничките вежби беа проширени за да вклучат поморски и воздушни патроли над Јужното Кинеско Море, на големо незадоволство на Пекинг.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера ја потврди посветеноста на Вашингтон на спогодбата за заемна одбрана со Филипините од 1951 година и ги критикуваше „опасните“ акции на Кина во Вториот Томасов гребен.

Во вчерашниот телефонски разговор со својот филипински колега Гилберт Теодор Остин ја потврди цврстата посветеност на САД кон Филипините, за кои велат дека преземаат легитимна мисија да ги снабдуваат своите сили.

Договорот меѓу Филипините и САД ги обврзува двете земји да си помагаат меѓусебно во одбраната доколку бидат нападнати и се опфатени крајбрежната стража, цивилните и воените бродови во Јужното Кинеско Море.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ