вторник, 22 октомври 2024

Претседателот на Чешка: Русија има луѓе да војува со години

Претседателот на Чешка Петр Павел изјави дека никој не сака да се продолжува војната во Украина, но дека крајот на војната е во рацете на претседателот на Русија Владимир Путин, кој има доволно војска за да може да ја одолжи уште неколку години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Никој не сака оваа војна да продолжи. Секој ден умираат луѓе. Крајот на војната не е во нашите раце ниту во украинските, туку пред сè во рацете на претседателот Путин. Тој ја почна војната и тој може за еден ден да ја заврши“, кажа Павел одговарајќи на прашања од социјалните мрежи во емисијата „Прашајте го претседателот“ на чешкиот дневник Млада фронта днес.

Павел нагласи дека Кремљ има толку војска што може да војува уште неколку години и дека би било наивно да се мисли дека Путин едноставно одеднаш сам од себе ќе реши да ја повлече војската и да ја заврши војната.

„Тој треба да сфати дека со војување нема да ги реализира своите цели. Дека тоа не оди така. Ако сакаме да живееме во свет во кој тие што имаат поголеми армии не можат неказнето да одредуваат како ќе изгледа светот, тогаш и во наш интерес е Русија да не биде успешна во Украина“, рече Павел.

Претседателот Павел ја одби идејата Чешка да го обнови служењето на воениот рок, но ги повика Чесите на тримесечни доброволни курсеви на воена обука.

„Безбедносната ситуација во светот е таква што не ни се доволни само професионални армии. Безбедноста на земјата е работа на секој од нас. Имаме мошне малку резервисти. Тримесечна обука на никој не би му наштетила“, рече чешкиот претседател.

Меѓу прашањата на социјалните мрежи имаше и шеговити, кога Чешка ќе го врати и анектира Краловец, како што со векови чешки се нарекува германскиот Кенигсберг, по Втората светска војна составен дел на Руската Федерација, денес со името Калининград.

Овој град, кој сега по распадот на Советскиот Сојуз е руска енклава на границата со Полска и со Литванија, го основале во 13-от век крстоносците во чест на чешкиот крал Пшемислав Отакар II.

Интернетот и социјалните мрежи ги преплавија шеговити петиции, вицеви и коментари по повод меѓународно непризнаените референдуми кои Русија во првата воена година ги организирала на окупираните територии на Украина, по што решила да ги анектира.

Во есента 2022 година околу 200 Чеси на хепенинг пред руската амбасада во Прага со фиктивен референдум назад го анектирале Калининград и му го вратиле името Краловец.

Шеговитата анексија на Калининград од страна на Чешка ги забавува и соседите Полјаци, кои се натпреваруваат измислувајќи имиња од чешката поп култура за фиктивната чешка морнарица, на пример чешки носач на авиони Карел Гот, или атомска подморница Разбојник Румцајс од цртаните филмови за деца, а Чесите на социјалните мрежи слават што конечно добиле излез на море.

Претседателот Павел на прашањето за Калининград одговорил шеговито дека треба уште да се почека, зашто ако се земе предвид тоа колку мака и трошоци има Чешка да ги санира базите и областите каде што со децении по инвазијата на СССР врз Чехословачка била стационирана Црвената армија, би било глупо да си натоварат врз грб една толку голема област како Калининградската во која имало руски војници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ