вторник, 14 јануари 2025

Претседателот на Барса: Се обидоа да не дестабилизираат, но се вративме на правилото 1:1 и го регистрирвме Олмо

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта го впери прстот во Ла Лига и ФФШ и обвини за обид за дестабилизација, во исто време му се заблагодари на Реал Мадрид и клубовите кои не го кренаа гласот против „случајот Олмо“.

Објавено на

часот

Сподели

Жоан Лапорта попладнево се појави на прес конференција и објасни што точно се случувало во последните денови од декември, кога Ла Лига и Фудбалската федерација на Шпанија одбија да ги регистрираат Дани Олмо и Виктор Пау.

„Документацијата ја поднесовме на 27. декември, а во следните денови Ла Лига побара дополнителна документација. Откако го исполнивме и ова барање, на 31. декември добивме нови барања кои не беа во согласност со правилата. Фудбалската федерација ги доби документите и според нив немаше проблем, но поради застарен член, не беше дозволена регистрација. Идејата на тој член е друга, Дани Олмо е под долгорочен договор со нас и погрешно се примени членот во овој случај, затоа и се обративме до Вишиот совет за спорт (CSD) кој наиде на разбирање и донесе итна мерка“ – вели Жоан Лапорта.

Тој потоа продолжи: „Никогаш нема да си дадам оставки за одлуки кои ги донеле Ла Лига и ФФШ. Ние не се предаваме, тие се обидоа да го дестабилизираат клубот, фудбалерите и тренерот. Но ние реагиравме, го освоивме Суперкупот и навистина го ценам тоа“.

„Конечно сме назад на правилото 1:1, сега можеме да ангажираме фудбалери според нормалниот процес. Можеме да си дозволиме регистрација на играчи како Дани Олмо и Пау Виктор“.

Начинот на кој Барселона ги регистрираше Дани Олмо и Пау Виктор предизвика многу реакции, се побунија многу клубови, но не и лутиот ривал Реал Мадрид.

„Нема да ви откривам приватен разговор со Флорентино Перез, но сакам да му се заблагодарам на Реал Мадрид и другите клубови кои не се позиционираа против нас. Можеби сме ривали на теренот, но имаме ист став по многу други работи. Сепак, не ми се допадна тоа што многу клубови го кренаа гласот против нас“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ